СКОПЈЕ – Љупчо Палевски, осомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во саботата влегол во Турција преку граничен премин со Бугарија, соопшти Обвинителството.
Палевски го превезувал 46-годишен скопјанец кој управувал џип марка „Ленд Ровер“. Од Обвинителството соопштија дека во саботата на 2 декември, Палевски и скопјанецот, од Србија влегле во Бугарија, и потоа продолжиле кон Турција, и истиот ден влегле во таа држава.
За возачот на Палевски, Обвинителството бара 48-часовен притвор и го товари дека извршил кривично дело „Помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик“.
„Основаното сомневање дека осомничениот го сторил кривичното дело произлегува од досега прибавените докази од Бирото за јавна безбедност, Сектор за меѓународна полициска соработка доставено до СВР Скопје, во кое е наведено дека лице осомничено дека сторило кривично дело, по кое сега е распишана меѓународна потерница, на 02.12.2023 година било регистрирано на граничните премини во Р. Бугарија и тоа со влез во Р. Бугарија на ГП Калотина и излез од Р. Бугарија на ГП Капитан Андреево (кон Р. Турција). И двете регистрации се со возило марка Ланд Ровер, управувано од осомничениот. Лицето е лишено од слобода и со него полициски службеници од Секторот за меѓународна соработка извршија информативен разговор“, стои во официјалното соопштение на Обвинителството.
Она што е познато е дека Палевски бега од Скопје и државата во четвртокот, на 30 ноември, кога неговиот пријател и адвокат Васко Стојков го носи во Белград. Стојков тврди дека не знаел за што се сомничи Палевски и дека тој побарал помош од него да го превезе, бидејќи немал автомобил, а имал закажан лекарски преглед.
Наредниот ден, во петокот навечер, на 1 декември, МВР приведува петмина осомничени за инволвираност во убиствата на Ѓорчевска и Жежовски. Меѓу приведените се неговите сопартијци Велибор Манев и Боре Видоевски од Велес и Влатко Кешишов, кои се во притвор и на кои вечерва ќе им биде продолжен притворот, а надлежните соопштија дека еден од нив го признал делото.
Ова го вклучило алармот кај Палевски, кој со помош на 46-годишниот скопјанец во саботата веќе ја напуштил Србија, и преку Бугарија избегал за Турција.
Палевски од вчера се бара со меѓународна потерница.