СКОПЈЕ – „Палчо носеше пиштол заради своја безбедност од моментот кога беше нападнат пред својот дом со метални палки. Мислам дека е марката „Валтер“ . Палчо го носеше покрај него, во фиока, на биро, на масиче. Пиштолот беше секогаш во просториите на штабот на партијата во Кисела Вода“ изјави сведокот Христијан Плотников, член и основач на партијата „Десна“ на денешното рочиште од судскиот процес за убиствата на Вања четиринаесетгодишната Ѓорчевска и седумдесет и четиригодишниот Панче Жежовски.
Сопартијците на Љупчо Палевски – Палчо како и неговиот пријател адвокат кој го пренесе до Белград денес ги дадоа своите искази во својство на сведоци во рамките на судскиот процес каде Палевски заедно со Велибор Манев, Влатко Кешишов, Боре Видевски и Александар Ѓорчевски се обвинети за убиствата на Ѓорчевка и Жежовски.
Плотников потврди дека во седиштето на партијата ги видел двете радио станици кои биле со прав но потоа не ги забележал кога седиштето било преселено спроти Народна банка. Во истрагата еден од обвинетите изјави дека критичниот ден комуникацијата меѓу нив се одвивала и преку радио станици.
На денешното рочиште сведочеше и Ѓорѓи Џолев, сопартиец од „Десна“ кој исто така потврди дека видел пиштол во партиските простории во Кисела Вода. Тој објасни дека финансиската ситуација на партијата била лоша, а Палевски спиел во една од собите во седиштето на партијата.
Тој беше дециден дека Кешишов и Манев слепо го следеле Палевски.
„ Имаа некако поданишки однос што мене ми беше чудно. Кога сме повишувале тон со Палевски тие не реагираа, не му враќаа, не влегуваа во расправија со него”,рече Џолев.
Адвокатот и член на „Десна“ Васко Стојков, кој го однесе Палевски во Белград сведочеше дека обвинетите Кешишов и Палевски го контактирале за да го прашаат дали знае некој нотар што би работел во неработен ден. На средбата, Палевски и Кешишов му побарале помош за да обезбеди полномошно за патување а Стојков се понудил да го однесе до Белград бидејќи се работело за медицинска интеревнција.
Попат Палевски му кажал дека е мисли оти е следен.
„Разговаравме за тоа дека политичката партија „Десна“ поднесе кривична пријава на 24 ноември против високи функционери за големи криминали. Ми кажа дека има некое велешко возило, рече „се лепи за мене, низ градот каде што се движам“, рече Стојков.
Во моментот кога Стојков бил на распит во полициската станица „Пролет“ на телефон му се јавил Палевски од Турција, потврдил дека е во таа држава и потврдил дека критичниот ден, 27 ноември кога е грабната и убиена Ѓорчевска, бил во Дебар Маало наводно кај неговата мајка.
Судскиот процес продолжува во петок со распит на сведоци.