Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска рече дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја потврдил својата посветеност на предложениот повеќефазен прекин на огнот во Газа и дека Хамас е единствениот што допрва треба да се согласи со планот.
„Сите ќе гласаат да, освен еден, а тоа е Хамас“, им рече Блинкен на новинарите во Тел Авив. Од Хамас зависи дали предлогот ќе се процесира или не.
Блинкен рече дека одобрувањето на Советот за безбедност на ОН на резолуцијата подготвена од САД со која се повикуваат Израел и Хамас да го спроведат договорот за прекин на огнот „стави до знаење дека тоа е она што го бара светот“.
По вчерашното гласање 14-0, Хамас издаде изјава во која го поздрави тоа што Советот „потврди постојан прекин на огнот во Газа“ и укажува на подготвеност да се вклучи во индиректни преговори за спроведување на принципите „кои се во согласност со барања на нашиот народ и отпор“.
Блинкен рече дека одговорот „влева надеж“. Но, тој додаде дека она што сега е важно е „зборот што доаѓа од Газа и од раководството на Хамас во Газа“.
„Го очекуваме одговорот од Хамас и тоа многу ќе зборува за тоа што сакаат, што бараат, за кого се грижат“.
Високиот американски дипломат оствари куси средби со членовите на семејството на некои од заложниците држени во Газа.
Блинкен рече дека САД се решени да ги вратат дома заложниците и дека предложениот прекин на огнот е „најдобар начин да се направи тоа“.
Во текот на денот тој треба да учествува на состанок во Јордан фокусиран на зајакнување на хуманитарниот одговор на меѓународната заедница за Палестинците во Појасот Газа, на кои им е многу потребна помош по осум месеци војна.
Во својата почетна фаза, трифазниот предлог за прекин на огнот повикува на запирање на борбите, ослободување на некои заложници од Газа, ослободување на палестинските затвореници држени од Израел, пораст на хуманитарна помош за Палестинците, повлекување на израелските трупи од населените области на Газа и враќањето на палестинските цивили во нивните домови и населби.
Втората фаза предвидува траен прекин на непријателствата во замена за ослободување на сите останати заложници во Газа и целосно повлекување на израелските војници од Газа.
Последната фаза вклучува повеќегодишен план за реконструкција на Појасот Газа, од кој голем дел е уништен од осуммесечното израелско бомбардирање. Исто така, ќе се обезбеди враќање на останките на сите починати заложници што сѐ уште се во Газа.
Хуманитарна помош
Кралот на Јордан Абдула денеска изјави дека обезбедувањето хуманитарна помош за Палестинците во Газа е „тест за нашата хуманост и искреност“ додека Јордан, Египет и Обединетите нации свикаа конференција за подобрување на протокот на помош.
„Не можеме да ја напуштиме Газа“, рече тој на конференцијата. „Тоа треба да нѝ биде приоритет на сите, бидејќи историјата ќе нѐ суди според нашите постапки“.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека сите достапни правци за внесување хуманитарна помош во Газа „мора да бидат оперативни“ и нагласи дека копнените патишта „се апсолутно клучни“.
„Повеќе од еден милион Палестинци во Газа немаат доволно чиста вода за пиење и се соочуваат со очајно ниво на глад“, рече Гутереш.
Шефот на ОН рече дека брзината и обемот на масакрот и убиствата во Газа се над сѐ што видел во годините како генерален секретар.
„Ужасот мора да престане. Крајно време е за прекин на огнот со безусловно ослободување на заложниците“, рече Гутереш.
Терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври, според официјални израелски податоци, резултираше со смрт на околу 1 200 луѓе во Израел, главно цивили. Милитантите на Хамас зедоа околу 250 заложници, од кои 116 остануваат на палестинска територија, вклучително и 41 што армијата вели дека се мртви.
Во воениот одговор на Израел загинаа повеќе од 37 000 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа, кое не прави разлика меѓу борци и цивили во своите податоци.
Дел од информациите се од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс – прес.