Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска ја повика меѓународната заедница, особено САД, да престанат да испраќаат оружје во Израел за да се стави крај на крвопролевањето на Западен Брег и Газа.
Абас во говор на Генералното собрание на Обединетите нации, ги издвои САД поради нивните испораки на оружје и ветата на резолуциите на Советот за безбедност со кои се осудува речиси едногодишната војна на Израел против милитантите на Хамас во Газа.
„Престанете со ова злосторство, престанете сега. Престанете да убивате деца и жени. Стоп за геноцидот. Престанете да испраќате оружје во Израел“, рече Абас. „Ова лудило не може да продолжи. Целиот свет е одговорен за она што му се случува на нашиот народ во Газа и на Западниот Брег“.
Тој наведе дека САД, при користењето на своето право на вето при гласањето во Советот за безбедност, практично рекоа: „Не, борбите ќе продолжат“.
Хамас ја започна војната на 7 октомври 2023 година со шокантниот напад врз Израел, при што беа убиени 1 200 луѓе и земени 250 заложници. Во израелската одмаздничка офанзива загинаа повеќе од 41 000 во Газа, според здравствените власти на Хамас, иако израелската војска вели дека бројот на загинати вклучува илјадници борци на Хамас.
Абас рече дека САД „го опремиле Израел со смртоносното оружје што го користеа за да убијат илјадници невини цивили, деца и жени. Ова дополнително го охрабри Израел на континуирана агресија“, тврдејќи дека Израел „не заслужува“ да биде членка на ОН.
Абас рече дека кога војната ќе заврши, палестинските власти треба да имаат целосна контрола врз Појасот Газа, став што Израел го отфрли.
Дени Данон, израелскиот амбасадор во ОН, го нападна 26-минутниот говор на Абас зашто ниту еднаш не го кажал зборот Хамас и ја навел клучната улога на милитантната група во разгорувањето на конфликтот.
„Палестинската управа под негово водство плаќа плати на терористите кои убиваат Израелци: кој убива повеќе – Абас му плаќа повеќе“, рече Данон. „Само кога ќе застане во ОН, тој зборува за мирно решение“.
„Нема поголемо лицемерие и лага од ова“, рече Данон. „Наследството на Абас е хронична слабост пред лицето на тероризмот и омразата“.
Иако не го спомна Хамас, Абас рече: „Од првиот ден, ја истакнав потребата веднаш да се прекине војната. Го осудив убивањето на цивили, без разлика кои се тие и без разлика на која страна беа или од кој било народ. Побарав ослободување на затворениците и на приведените од двете страни“.
Неговата изјава дојде една недела откако тој повика на мировна конференција во Мадрид со цел да се реши израелско-палестинскиот конфликт. Разговорите за постигнување договор за прекин на огнот беа во застој со месеци.
На Генералното собрание денеска ќе се обрати и либанскиот министер за надворешни работи Абдалах Бухабиб, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху треба да зборува утре, по неколкудневните израелски воздушни напади во Либан против милитантите на Хезболах.
Меѓу другите кои држат говори денеска се суданскиот воен лидер, генералот Абдел-Фатах Бурхан и претседателот на преодниот претседателски совет на Хаити, Едгард Лебланк Филс.
Денеска на Генералното собрание треба да се обратат и претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел, британскиот премиер Кир Стармер, кенискиот претседател Вилијам Руто, претседателот на Уругвај Луис Лакал Поу и претседателот на Микронезија Весли Симина.
Дел од информациите за овој извештај се од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс.