Палестински милитант, затворен во израелски затвор, почина по тримесечен штрајк со глад.
Израелската затворска служба соопшти дека 45-годишниот Кадер Аднан бил пронајден онесвестен во својата ќелија во затворот Рамла во централен Израел и однесен во болница каде што бил прогласен за мртов.
Аднан бил член на милитантната група Исламски џихад. Тој го започна својот штрајк со глад веднаш по апсењето на Западниот Брег на 5 февруари под обвинение за тероризам. Израелските затворски власти соопштија дека Аднан одбил медицински третман за време на неговиот притвор.
Аднан претходно беше уапсен неколку пати поради неговите сомнителни терористички активности и имаше неколку штрајкови со глад во знак на протест поради држењето под административен притвор, според кој осомничените се држат на неодредено време без да бидат обвинети или да им се суди.
Израелската војска соопшти дека три ракети биле истрелани од Појасот Газа на територијата што ја држи милитантната група Хамас по објавувањето на смртта на Аднан, но рече дека ракетите паднале безопасно на отворена територија.
Исламскиот џихад објави соопштение во кое ја осудува смртта на Аднан, велејќи дека борбата против Израел продолжува.
Некои информации за овој извештај дојдоа од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс прес.