Линкови за пристапност

Бан Ки-мун: Газа во критична ситуација


Ги обвини за тоа и Израел, и Хамас

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун оцени дека Газа се наоѓа во критична ситуација и кажа дека и Израел, и Хамас се виновни за тоа. Повикувајќи на итен прекин на огнот, првиот човек на Светската организација ги обвини обете страни во судирот дека се однесуваат неодговорно и морално погрешно.

„Во име на хуманоста“, насилството мора да запре, рече Ки-мун.

Кусо време по неговата реакција, палестински претставници соопштија дека во израелски напад бил погоден главниот болнички комплекс во Газа и парк во непосредна близина, при што загинале најмалку 10 лица, меѓу нив и деца. Израелската армија, пак, реагираше со тврдење дека нападот е резултат на погрешно лансирани ракети од страна на Хамас. Израелските медиуми исто така јавија дека од ракети истрелани од Газа денес загинале четворица Израелци.

Советот за безбедност на ОН во писмена изјава повика на итен и безусловен хуманитарен прекин на огнот. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го отфрли тоа, со објаснување дека истото само ќе му помогне на Хамас, а израелските безбедносни потреби ќе бидат запоставени.

Американскиот државен секретар Џон Кери вели дека продолжуваат напорите за хуманитарен прекин на огнот, како и дека и краткотраен прекин би дал импулс за трајно примирје.

„Веруваме дека процесот за решавање на кризата во Газа на траен и суштински начин мора да доведе до разоружување на Хамас и сите терористички организации. Ќе соработуваме со Израел, регионалните партнери и меѓународната заедница на поддршка на оваа цел“, рече Кери.

Во интервју за американската телевизија, водачот на Хамас Калид Мешал побара Израел да прекине со окупацијата на Газа и рече дека не го признава правото на Израел да постои.

Американскиот претседател Барак Обама во синоќешниот телефонски разговор со Нетанјаху порачал дека е загрижен поради бројните цивилни жртви и ја подвлекол важноста од израелската безбедност и справувањето со хуманитарната криза во Газа.

Од почетокот на судирот во јули, загинаа речиси 1.100 лица, повеќето цивили во палестинската територија. Израел загуби 43 војници и тројца цивили.

XS
SM
MD
LG