Линкови за пристапност

Нетанјаху бара затворање на Агенцијата за помош на палестинските бегалци


Израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху пред неговиот кабинет изјавил дека Агенцијата за помош на палестинските бегалци на ОН (UNRWA), го одржува проблемот и треба да биде затворена.

Нетанјаху се пожалил дека Агенцијата е фокусирана исклучително на палестинските бегалци и дека средствата за нејзино финансирање треба да бидат пренасочени до Агенцијата за бегалци на ОН.

„Исто така ја одржува нарацијата за правото за елиминирање на Израел како држава“, рече тој. „Затоа, Агенцијата за помош на палестинските бегалци на ОН мора да стане дел од минатото“.

Од Агенцијата велат дека има 5 милиони бегалци кои имаат право на нивните услуги.

Тоа се Палестинците кои ги напуштиле своите домови за време на војната за формирањето на Израел во 1948 година или нивни потомци. Денес, повеќе од 1,5 милион Палестинци живеат во бегалски кампови во Јордан, Либан, Сирија, Западниот Брег и Појасот Газа.

Портпаролот на Агенцијата за бегалци на ОН, Крис Гунис, рече дека тие ќе продолжат со својата работа, додека за бегалците нема „праведно и трајно решение“.

„Она што ја одржува бегалската криза, е неуспехот страните да се справат со проблемот. Ова треба да биде решено од инволвираните страни во конфликтот, во контекст на мировните преговори, врз основа на резолуциите на ОН и меѓународното право, и бара активен ангажман од меѓународната заедница“, вели Гунис во соопштението.

Израелско-палестинските мировни разговори се заглавени неколку години, а изгледите беа дополнително комплицирани минатиот месец, со признавањето на Ерусалим како главен град на Израел од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG