Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, во интервју за Гласот на Америка вели дека секогаш за големите прашања имало и големи дебати. За проектот со „Бехтел и Енка“ тој вели на крајот „ќе остане само автопат и можност граѓаните да патуваат за еден час од Скопје до Охрид“.
Во однос на уставните измени министерот од Вашингтон порачува дека формулациите на амандманите ќе направат целата „пропаганда на опозицијата“ да падне во вода.
Глас на Америка: Господине Османи, во јавноста се уште бранува темата за договорот со „Бехтел и Енка“. Мислите ли дека со нетранспарентноста се поттикнуваат сомнежи за корупција како што многумина го толкуваат дистанцирањето на амбасадата на САД од договорот?
Бујар Османи: Мислам дека после независноста, Рамковниот договор, членството во НАТО, ова е четвртиот историски момент за државата. Нема поголем проект во историјата на нашата држава од овој проект, кој што го поврзува Скопје со Охрид и очекувано е да има многу дебата околу тој проект.
Ќе остане само проектот, ќе остане само автопатот, ќе остане можноста граѓаните да патуваат за еден саат до Охрид
Секогаш за големи прашања има и голема дебата и мислам полека како поминува времето сите тие стереотипизирања и обиди за злоупотреба од страна на опозициските партии на проектот ќе спласнат, ќе се објаснат, ќе се расчистат.
Ќе остане само проектот, ќе остане само автопатот, ќе остане можноста граѓаните да патуваат за еден саат до Охрид. Нема да остане нерасчистено, неразјаснето ниту една дилема. Мислам дека изборот на американска компанија за најголемиот проект во државата покажува и стратешка ориентација, но и гаранција за транспарентност и чесност на целиот проект.
Глас на Америка: Кои се пораките што ќе ги пренесете во Владата на Северна Македонија по средбите што ги имавте во САД со американски претставници?
Бујар Османи: Дека САД силно стојат позади Република Северна Македонија во нејзините намери да стане членка на Европската Унија до 2030 година. Пред нас се одредени предизвици за да го трасираме овој пат и да го направиме неповратен и мислам дека е од особено значење таа силна, проактивна американска поддршка која што овде во Вашингтон ја добивме во најјасна можна форма.
Глас на Америка: Пред неколку денови Северна Македонија се приклучи кон Основачката група за формирање Специјален трибунал за казнивост на кривичното дело агресија против Украина. Каква придобивка очекувате за Северна Македонија, за Украина и за светот со овој потег?
Бујар Османи: Носењето на одговорност за сите злосторства врз цивилно население, не само во Украина, било каде во светот, е прашање кое што е важно за да се спречат таквите случувања во иднина.
Но, особено сега од тоа што го гледаме во Украина и како наша национална позиција, меѓутоа и како претседавачи на ОБСЕ, ние мора да ја испратиме пораката и мора да бидеме заедно со сите држави кои што мислат дека не може да нема одговорност за сите чинители на злосторства не само како одговорност кон цивилите и граѓаните на Украина, туку како одговорност кон иднината и потребата за спречување на такви случувања повторно.
Глас на Америка: Како тече процесот за уставните измени и кога би имале повторно средба со претставници на Бугарија?
Бујар Османи: Прво, во однос на уставните измени сметам дека со формирањето на Комитетот веќе процесот е и формално лансиран. Очекувам Комитетот, односно таа комисија да излезе со амандманите, амандманите да се претстават во јавноста, да почне јавна дебата, да почнат пратениците исто така во своите тела да дебатираат по однос на амандманите и тогаш ќе се расчистат сите дилеми.
Во однос на уставните измени сметам дека со формирањето на Комитетот веќе процесот е и формално лансиран
Кога ќе се видат формулациите на амандманите ќе се види дека целата пропаганда на опозицијата, на противниците на европскиот пат на државата, на противниците на прогресот на државата, ќе паднат во вода затоа што ќе се види дека уставните амандмани всушност само го зацврстуваат мултиетничкиот карактер на нашата држава и на нашето општество, го збогатуваат нашето општество и имиџот на државата пред светот и дека целиот страв кој што бил создаден имало за цел некој да добие власт, да добие фотелји притоа злоупотребувајќи ги емоциите, злоупотребувајќи ја загриженоста на граѓаните по однос на иднината на државата.
Мислам дека оваа посета во Вашингтон ќе даде значителен буст на тој процес, меѓутоа сметам дека клучниот исчекор ќе го направи јавната дебата и деконструирањето на пропагандата на противниците на европскиот пат.
Facebook Forum