Линкови за пристапност

Ослободителна пресуда за Мијалков во случајот „Трезор“


Првостепената пресуда од 2021 година каде Мијалков доби 8 години затворска казна но падна на Апелација. Обвинителството го смени делото поради измените во Кривичниот законик. Досега Мијалков доби затворска казна само за случајот „Империја“ и тоа откако се спогоди со Обвинителството

СКОПЈЕ – Поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, не е виновен во случајот „Трезор“ кој се однесува за набавка на електронско комуникациска опрема за УБК од Велика Британија. На повторениот судски процес кој го водеше судијката Имране Селмани ослободителни пресуди добија и обвинетите Горан Грујовски, поранешен началник во УБК кој е во бегство и Тони Јакимовски додека за обвинетиот Небојша Стајковиќ настапи апсолутна застареност на делото и постапката беше запрена.

Според судијката Селмани, обвинителот Артан Ајро не ја докажал вината на обвинетите за кривичното дело кое овој пат, по измените на Кривичнито законик, гласеше „пречекорување на границите на службената положба“. Клучно во носењето на пресудата било што немало вештачење со кое ќе се потврди дека била настаната штета на Буџетот во висина од 862 илјади евра.

„Судот при донесувањето на оваа одлука ги имаше предвид пред сè напатствијата на Апелацискиот суд и детално ги ценеше сите изведени докази поединечно и во склоп на една целина, но цени дека истите не претставуваат доволна основа за докажување на битните елементи на кривичното дело кое им се става на товар на обвинетите. Судот уште еднаш повторува дека го има прифатено стандардот за докажување надвор од секакво разумно сомневање меѓутоа во конкретниот случај јавниот обвинител не го достигна бараниот стандард и не докажа во разумно сомневање дека обвинетите се сторители на кривичното дело кое им се става на товар. Штетата мора да биде реална и докажана, а не хипотетичка и претпоставена“, рече судијата Селмани при соопштувањето на пресудата.

Обвинителот Ајро не даде изјава за медиумите а бранителот на Мијалков, адвокатот Љупчо Шврговски смета дека пресудата е правична.

„Ние укажувавме дека се работи за конструкција која не беше поткрепена со докази што му даваат кредибилитет на обвинението. Напротив, самите докази на јавниот обвинител укажуваа дека не е исполнет описот на дејствијата на извршување што им се ставаат на товар на обвинетите онака како што е наведено во обвинителниот акт, а подоцна, со измените на Кривичниот законик, во обвинителниот предлог“, рече Шврговски.

Ова е втора пресуда за случајот откако Апелацискиот суд Скопје ги прифати жалбите на обвинетите и во 2022 година ја укина првостепената пресуда која беше донесена во 2021 година.

Со првичната пресуда од 2021 година кога сите обвинети се товареа за повеќе ставови од кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ Мијалков беше осуден на осум години затвор, а поранешниот началник на Петтата управа во Министерството за внатрешни работи, Горан Грујевски, на кој му се судеше во бегство, беше осуден на 15 години затворска казна. Поранешниот помошник-министер во Министерството за внатрешни работи, Небојша Стајковиќ и поранешниот шеф на кабинет Тони Јакимовски беа осудени на затворски казни во траење од 5 години.

Предметот „Трезор“, се однесува на злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од британската фирма „Гама Интернешнл“ за сума од 862 илјади евра а посредник била македонската компанија „Финзи“. Случајот го отвори тогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО) во септември 2016 година.

Во моментов единствен предмет каде Мијалков е обвинет е „Таргет Тврдина“ кој застарува на почетокот на 2025 година и постои изгледа шанса да нема пресуда.

Апелацискиот суд ги укина пресудите за „Трезор“ и „Таргет Тврдина“ и ги врати на повторно судење а пресудите беа во Апелација со месеци пред да бидат испратени до првостепениот. Претходно Апелација ја потврди ослободителната пресуда за случајот „Тортура“ односно апсењето на Љубе Бошкоски а во предметот „Плацеви на Водно“ каде Мијалков доби 15 месеци затворска казна му ја замени со условна во траење од четири години.

Единствена затворска казна за Мијалков беше изречена во предметот „Империја“ и тоа откако се спогоди со Обвинителството и беше осуден на три години затвор. Казната ја издржува во отворениот затвор во Струга откако скопската адреса на живеење ја смени со охридска и се приклучи кон „ВИП осудениците“ во Струга. Адвокатскиот тим на Мијалков на почетокот на месецов до Апелација поднесе барање за намалување на казната.

XS
SM
MD
LG