Линкови за пристапност

Меѓународни набљудувачи на изборите: Македонија е на крстосница


Парламентарните избори кои се суштински чекор за решавање на двегодишната политичка криза, се одвиваа во атмосфера на голема недоверба во институциите и во политичкото уредување, сметаат набљудувачите од ОБСЕ/ОДИХР, од ПС на Советот на Европа и од Европскиот парламент

„Видовме многу луѓе кои сакаат подобро за својата земја и за идните генерации. Позитивните трендови кои ги забележавме, сега треба да се претворат во оддржливи механизми и на недостатоците кои ги наведуваме, треба да се работи преку значаен дијалог во рамките на релевантните државни институции, особено Собранието“, рече шефот на Делегацијата на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Азај Гулиев, на денешната прес-конференција на меѓународните набљудувачи на предвремените парламентарни избори во Македонија.

На конференцијата зборуваа и специјалниот координатор на ОБСЕ и лидер на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ, Роберто Батели, шефот на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Стефан Шенах, шефот на Делегацијата на Европскиот парламент, Игор Шолтес и шефицата на долгорочната мисија на набљудувачи на изборите на ОДИХР, Тана де Зулуета, кои потенцираа дека Македонија е на нова крстосница која отвора патека кон нормализација на политичкиот живот.

Пред многубројните новинарски екипи, тие попладнево истакнаа дека е неопходно дополнително спроведување на реформите во изборната администрација, судството и медиумите, дополнителна релаксација на меѓуетничките односи, како и неподелена поддршка на функционирањето на Специјалното јавно обвинителство.

Според Балотели, „високата излезност сведочи дека гласачите ја сфатиле клучната улога која добрите избори ја имаат за нивната земја“, а одговорноста сега е кај политичарите кои треба да ги исполнат големите очекувања на граѓаните, како и да „го искористат моментот и доверениот мандат за да продолжат со реформите кои се неопходни за иднината на земјата“.

Шефот на Делегацијата на ПССЕ, Шенах изјави дека „различните етнички заедници веќе докажаа, за време на уличните протести минатата година, дека е можна соработка за заедничка цел“ и потенцираше дека сега целата земја „мора да ја замени етничката поделеност со соработка врз која ќе се темели градењето на нацијата“.

Според шефот на делегацијата на ЕП, Шолтес, меѓународната заедница очекува „јасен сигнал од новата Влада дека ќе работи со сите политички партии во парламентот, за спроведување на неопходните реформи“.

Според госпоѓата Де Зулуета, за подобрувањата да бидат долготрајни, мора да се решат подлабоките недостатоци“, за што ќе биде потребна понатамошна соработка и заложба за систематски и сеопфатни намери за изборни реформи“.

XS
SM
MD
LG