Државната изборна комисија (ДИК) одржувала затворени седници за прашања за кои требало јавно да одлучува, вршени биле наводни притисоци врз вработени во јавна администрација, а реформите во медиумите се` уште не се договорени.
Ова се дел од забелешките на Набљудувачката мисија на Канцеларијата за демократски институции и човекови права ОБСЕ/ОДИХР, нотирани во нејзиниот периодичен извештај пред изборите во декември.
Во извештајот се нагласува дека подготовките за изборите се во тек, а најголемиот дел од Општинските изборни комисии се оперативни.
„ДИК избриша 28.341 гласови од списокот кои не се преригистрирале. И покрај некои критики за теренските проверки, голем дел од соговорниците на ОБСЕ/ОДИХР сметаат дека довербата во Избирачкиот список е зголемена“, стои во извештајот.
ОБСЕ нагласува дека предизборната атмосфера генерално е мирна, но забележани биле изолирани инциденти и партиски притисоци.
Во однос на медиумите, пак, извештајот потенцира дека „соговорниците на ОБСЕ/ОДИХР изразија загриженост за широко застапената цензура, како резултат на политичкиот притисок врз медиумите и случаите на провокации и вербални напади врз новинарите“.
Покрај ОБСЕ/ОДИХР, изборите ги набљудуваат и граѓанските организации „Мост“ и „Цивил“.
„Мост“ најави дека ќе спроведе и паралелно броење на гласовите.