Кинеската режисерка Клое Жао е втора жена која го освои Оскар за најдобра режија и прва жена од друга националност, додека нејзиниот филм „Земја на номади“ ја освои и наградата за најдобар филм.
Во филмот се зборува за жена која го напушта својот мал град талкајќи по американскиот Запад, по патот запознавајќи се со други луѓе во потрага по живот далеку од конвенционалното општество.
„Отсекогаш сум наоѓала добрина кај луѓето што сум ги сретнала насекаде во светот“, рече Жао кога ја прими наградата за режија. „Ова е за секој што има вера и храброст да ја задржи добрината во себе и да се држи до добрината на едни кон други, без разлика колку е тешко да се направи тоа“.
Sвездата на „Земја на номади“ Франсис Мекдорманд го освои оскарот за најдобра актерка. По вторпат стана добитничка на награда, по таа во 2018-та година за улогата во „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“.
Наградата за најдобар актер му припадна на Ентони Хопкинс за неговата улога како човек кој се бори со деменција во филмот „Татко“, кој исто така го освои оскарот за најдобро адаптирано сценарио. Хопкинс првпат доби Оскар пред скоро 30 години.
Најдоброто оригинално сценарио му припадна на Емералд Фенел за „Надежна млада жена“, трилер во кој една жена бара одмазда против мажите предатори.
Настанот кој типично е исполнет со гламур што се одржува во “Долби театарот” во Лос Анџелес, оваа година се префрли во градската транзитна станица поради пандемијата.
На списокот на номинирани се појавија повеќе жени и актери од друга раса, од кога било досега.
Јужнокорејската актерка Јоун Јух-јунг ја освои наградата за најдобра споредна актерка за филмот „Минари“. Таа е првата азиска актерка што освоила Оскар од 1957-ма година.
Најдобар актер во споредна улога му припадна на Британецот Даниел Калуја, кој го играше лидерот на “Црниот Пантер”, Фред Хамптон во „Јуда и црниот месија“.
Миа Нил и Џамика Вилсон влегоа во историјата како првите жени со Афроамериканско потекло кои го освоија оскарот за шминка и фризура, заедно со Серџио Лопез-Ривера, во филмот „Црното дно на Ма Рајни“.
Наградата за најдобар меѓународен филм му припадна на „Уште една тура“ на данскиот режисер Томас Винтерберг.
Facebook Forum