Линкови за пристапност

Стриминг мрежите го убија шармот на Оскарите


Затворањето на кино салите и зголемената доминација на услугите за стриминг им го одзеде сјајот на оскарите

Џорџ Бредли порано беше обожавател на оскарите. 28-годишниот Британец, кој сега живее во Сан Диего, би останал до доцна за да го следи преносот во живо.

Иако сега е во вистинската временска зона, тој едноставно не е заинтересиран, а тоа се должи пред се на пандемијата.

„Зголемената доминација на услугите за стриминг им го одзеде сјајот на оскарите. Едноставно, не го добивате истото чувство," рече тој.

Без разлика дали гледате од љубов, или пак ги мразите или пак можеби сте се откажале како Бредли, ваквите и слични настани се променија со затворањето на театрите и настапите во живо. Но, падот на рејтингот за оскарите започна многу одамна пред коронавирусот.

Поголемиот дел од овој век, оскарите привлекуваа 35 до 45 милиони гледачи, честопати веднаш зад Суперболот. Минатата година, непосредно пред да се прогласи пандемијата, телевизиското шоу без водител на Еј Би Си ја забележа најмалку бројната публика досега, 23,6 милиони гледачи, што е за 20 проценти помалку од претходната година.

Златните глобуси во време на пандемијата, нешто повеќе од една година подоцна, паднаа на 6,9 милиони гледачи, што е за 64 проценти помалку од минатата година. Минатата година, малку пред пандемијата, шоуто имаше 18,4 милиони гледачи, според компанијата Нилсен.

Во март, продуцентите на Греми ја избегнаа непријатноста од користење на апликацијата "Зум" за други вакви или слични емисии и ги поставија како водители некои од најголемите sвезди во индустријата – но сето тоа без резултат. Телевизијата на Си Би Ес достигна 9,2 милиони гледачи, телевизиски и стриминг заедно, што е најмал рекорден број и пад од 51 процент од 2020-та година, рече Нилсен.

Како и другите настани на доделување награди, телевизиското емитување на Оскари беше потиснато назад поради ограничувањата околу пандемијата и безбедносните проблеми. Претставата беше одложена трипати претходно во историјата, но никогаш како досега. Организаторите минатиот јуни ги закажаа за 25-ти април, наспроти вообичаениот термин во февруари или почетокот на март.

Според поранешните фанови на шоуто, да гледате номинирани филмови на малите екрани или да барате услуги за стриминг на интернет е навистина чудно.

62-годишната Присила Висинтин од Сент Луис, Мисури, уживала во преносот на оскарите.

„Дефинитивно затворањето на театрите и кино салите го намали мојот интерес за манифестацијата оваа година. Немам никакво чувство и еуфорија“, рече таа.

Но, не сите се откажаа од своето омилено шоу.

Во Ноксвил, Тенеси, 50-годишната Џенифер Рајс и нејзиниот 22-годишен син Џордан со години се натпреваруваа кој ќе изгледа што е можно повеќе номинирани филмови. Во изминатите години, тоа беше нивно „февруарско лудило“, рече таа и додаде дека сè уште ги чува документираните графикони за своите предвидувања.

"Другите две деца, на возраст од 25 и 19 години, немаат интерес за оскарите. Оскарите всушност нè поттикнуваа да гледаме филмови што можеби никогаш не сме ги одбрале. Оваа година не сум толку возбудена, но сепак се обидувам да ги изгледам сите номинирани филмови пред доделувањето на наградите", додава таа.

55-годишниот Џон Никум од Лоренс, Канзас, предава сценарио на Државниот универзитет. Тој е режисер во одделот на филмското училиште и работел како филмски критичар. Тој и неговата сопруга организираат годишна забава за време на оскарите, со 30 гости, каде гостите можат да се обложуваат. Оваа година забавата ќе биде само за семејството поради пандемијата, но обложувањето ќе продолжи.

"Не сум пропуштил ниту едни “Оскари” 45 години. Ја гледам секоја минута од настанот на доделување награди", рече Никум.

Според него, гледајќи ги сите врвни филмови дома на телевизор или компјутер е безначајно и жално.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG