За ВМРО – ДПМНЕ, кои не присуствуваа на денешната координација кај спикерот Џафери, прифатливо е пратениците со безбедносен сертификат да го добијат договорот и да имаат период во кој ќе може да го анализираат но не и некој од надлежните да им го раскажува и прераскажува. Антикорупциска сеуште го чека договорот од Владата иако законскиот рок за доставување истече
СКОПЈЕ – Кој, кога и како ќе има увид во договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на Коридорите 8 и 10-д и понатаму без решение. Владеачкото мнозинство на коориднација кај спикерот Џафери, без присуство на опозицијата, одлучи токму опозицијата да предложи датуми и надлежна комисија на која ќе биде разгледуван Договорот за изградба на Коридорите 8и 10Д пред пратениците со безбедносен сертификат. Сепак тие не би имале увид во договорот туку би поставувале прашања поврзани со договорот на претстваниците на Владата кои имаат увид.
„Ставот на присутните на координацијата е дека, со оглед на тоа што иницијативата е на опозицијата, а опозицијата не присуствува на координација; опозицијата да предложи надлежно тело за разгледување на Договорот до претседателот и да определи датум кога ќе се разгледа Договорот. Веднаш по отворањето на комисиската седница, пратениците ќе се изјаснат за затворање на седницата за јавноста“, стои во соопштението на Собранието.
За ВМРО – ДПМНЕ тоа е неприфатливо и побараа договорот да биде доставен на нивните пратеници кои имаат највисок степен на безбедносен сертификат – „државна тајна“. Ставот на партијата е дека одбиваат податоците да им бидат раскажани, сакаат самите да ги разгледаат, особено затоа што, според нивни информации, осум пратеници, од кои двајца без сертификат, веќе го виделе договорот бидејќи ги подготвиле законските измени кои се во собраниска процедура. Затоа од ВМРО – ДПМНЕ бараат доставување на договорот и рок од 10 дена за разгледување.
„Нашите информации говорат дека овие осум пратеници од ДУИ имале личен увид во договорот. Најмалку двајца од овие осум немаат безбедносен сертификат. Мора на увид да се има оригиналниот владин договор затоа што само во тој договор постојат клаузилите на кој начин договорот подлежи на анекси и дали има начини да биде репреговаран, укинат или што и да е друго. Не може некој селективно или произволно да ни го раскажува договорот“, зиајви Антонио Милишоски, пратеник на ВМРО – ДПМНЕ.
Антикорупциската комисија чии членови исто така имаат безбедносни сертификати го побара договорот со „Бехтел и Енка“ од Владата бидејќи има отворено предмет но сеуште го нема добиено иако законскиот рок за доставување истече.