Линкови за пристапност

САД преземаат чекори за справување со кризата со опиоиди


Во 2016-та година, рекордни 64 илјади Американци умреле од предозираност, главно од лекови против болка, а 2017-ма се очекува да биде полоша

Американскиот државен правобранител Џеф Сешнс, објави нова иницијатива која ќе ги натера производителите и дистрибутерите на лекови, кои препишуваат и дозволуваат нивна злоупотреба од страна на зависниците. Иницијативата, како што рече Сешнс, ќе ја искорени опиоидната криза во државата.

Притоа, формирана е работна група којашто ќе „користи кривични и граѓански дејства“, за да осигура дека производителите и дистрибутерите на лекови издадени на рецепти, се придржуваат на правилата.

Оперативната група ќе го користи Законот за лажни лекарски налози, за да се справи со клиниките кои нудат третмани за болка, со објектите каде се нудат тестови за користење дрога и со лекарите кои неправилно препишуваат опиоиди, соопшти Одделот за правда.

„Изминатата година интензивно се боревме со оваа криза и ќе продолжиме градејќи на веќе постигнатиот напредок“, рече Сешнс на прес-конференција во Вашингтон. „Денес отвораме нов фронт во војната против опиидите. Нема време за губење“.

Несоодветното препишување на лекови против болки веќе долго време се смета за движечка сила на опиоидната криза во САД. Голем број на зависници почнуваат со лекови против болка пред да се префрлат на хероин, синтетичкиот опиоиден фентанил и други посилни дроги.

САД, кои претставуваат помалку од пет проценти од вкупното светско население, потрошиле повеќе од 30 отсто од светското снабдување со опиоиди во 2015-та година, вели Меѓународниот одбор за контрола на наркотици.

„Се проценува дека ние користиме многу повеќе опиоиди отколку што е медицински неопходно за население со наша големина“, рече Сешнс.

Во 2016-та година, рекордни 64 илјади Американци умреле како резултат на предозираност, а повеќето случаи биле заради опиоидните лекови против болка, известуваат Центрите за контрола на болести. Прелиминарните податоци укажуваат дека 2017-та, била уште полоша година, рече главниот правобранител.

Поради опиоидната епидемија, преголемата доза на лекови стана водечка причина за смрт кај Американците на возраст под 50 години.

„Овие трендови не се прифатливи, а новата работна група ќе не` направи поефикасни во спасувањето на Американците од опиоидната зависност“, рече Сешнс.

Американскиот главен правобранител изјави дека новоформираната работна група на високи функционери во Одделот за правда, ќе ги преиспита и тековните судски постапки против производителите на опијати и дистрибутерите, за да утврди како може да помогне.

Тужбите, поднесени од повеќе градови, општини и медицински институции, се обидуваат да ги вратат трошоците поврзани со обезбедување на третман и мерки за јавна безбедност, преземени како одговор на кризата со дрога.

Во 2016-та година, федералната програма за лекови на рецепт на Медикер, платила повеќе од четири милијарди долари за опиоиди, според Сешнс.

Тој го опиша создавањето на работната група како најнов во низата чекори што ги презеде Oдделот за правда за борба против епидемијата.

Минатиот месец, Сешнс ги овласти агентите за борба против дрогата, во рок од 45 дена да се фокусираат на аптеките и на лекарите кои издале необични или непропорционални количини на лекови на рецепт.

Минатата година, претседателот Доналд Трамп ја прогласи опоидната епидемија како „вонредна состојба на јавното здравје“, но критичарите велат дека декларацијата не била проследена со соодветна акција.

Меѓу другите најавени чекори, главниот правобранител посочи на обвиненијата за повеќе од 120 обвинети лица, вклучувајќи и лекари, на укинување на пазарот за дрога на црно, како и создавањето на единица за откривање на докази за измами поврзани со опиоидите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG