Линкови за пристапност

САД се повлекуваат од меѓународниот Договор за воено набљудување


Трамп рече дека Москва ги игнорира правилата на Договорот, кој дозволува летови во туѓи држави за набљудување на воени активности

Претседателот Доналд Трамп рече дека ги повлекува САД од 18-годишниот меѓународен договор „Отворено небо“, со кој се дозволуваат летови во туѓи држави за набљудување на воени активности. Причината е прекршување на договорот од страна на Русија.

Трамп рече дека Москва ги игнорира правилата на Договорот.

„Мислам дека имаме добар однос со Русија. Но, Русија не се однесува согласно Договорот. Додека не го направи тоа, ние ќе се повлечеме“, рече Трамп.

Претседателот истакна можност за нов договор, кој би можел да биде постигнат во блиска иднина.

„Има многу добра шанса да направиме нов договор, или да направиме нешто за да го обновиме договорот“, рече Трамп, додавајќи:

„Мислам дека тоа што ќе се случи е ние ќе се повлечеме, и тие ќе дојдат за да направат договор. Имаме многу добар однос со Русија изминатиов период“.

Договорот „Отворено небо“ дозволува 35 држави да имаат летови на територијата на секоја од нив за да ги набљудуваат воените инсталации, со цел одржување на меѓународниот мир.

Идејата, кој првично била претставена во 1950-тите, е дека секој е безбеден, ако секој знае што прават другите. Секоја година се изведуваат стотина вакви летови.

САД ги известија останатите потписнички на Договорот за нивното повлекување пред шест месеци.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG