Лавел Волс е на час по математика во подрумот на неговата куќа. Така учи од петгодишна возраст. Сега има 11, и е во петто одделение. Анита, неговата мајка, вели дека Лавел фактички е на ниво на шесто одделение по математика и седмо одделение по наука, зашто тоа посебно го интересирало и било природно да е понапред по тие предмети.
Една од предностите на учењето он-лајн е флексибилен распоред, така што може повеќе активности да се сместат во денот.
Анита Волс го учи дома Лавел, и неговиот помал брат. Вели така ќе продолжела, но сепак се израдувала кога разбрала дека јавно училиште во Вашингтон е дизајнирано за учење преку Интернет.
Со оглед на тоа што он-лајн образованието станува се` популарно, компаниите кои обезбедуваат материјал за тоа, се шират. K12 е една од најголемите, а Џеф Квитовски е нејзин потпретседател. Тој вели дека во САД има над 250,000 ученици кои исклучиво вака учат.
Сузана Конвеј е наставничка на Лавел, која пред да се приклучи на K12 предавала во класично училиште. Таа предноста ја гледа во тоа што деца кои имаат проблеми во училиште, кои не се снаоѓаат добро во големи групи, или кои страдале од поагресивни деца, вака можат непречено да го продолжат образованието во амбиент што повеќе им одговара.
Денис Ван Рокел е претседател на Националната асоцијација за образование. Тој не е ентузијаст за овој вид настава. За него, ништо не може да го замени лице-в-лице контактот наставник-ученик, особено во раните класови.
Анита и многу други родители во САД мислат поинаку.