Линкови за пристапност

ОН: Може да се стави крај на СИДА-та до 2030 година со инвестиции во превенција и третман


Можно е да се стави крај на СИДА-та до 2030 година доколку земјите покажат политичка волја да инвестираат во превенција и третман и да усвојат недискриминаторски закони, соопштија Обединетите нации.

Во 2022 година, околу 39 милиони луѓе ширум светот живееле со ХИВ, според УНАИДС, програмата на Обединетите нации за СИДА. ХИВ-от може да прерасне во СИДА доколку не се лекува.

„Имаме решение ако го следиме раководството на земјите кои создадоа силна политичка посветеност да ги стават луѓето на прво место и да инвестираат во програми за превенција и третман на ХИВ базирани на докази“, се вели во извештајот на УНАИДС.

Се вели дека ефективен одговор на ХИВ, меѓу другите иницијативи, значи и усвојување недискриминаторски закони и зајакнување на мрежите на заедницата. Луѓето кои живеат со ХИВ или СИДА во многу земји се соочуваат со стигма, дискриминација и насилство.

„Напредокот е најсилен во земјите и регионите кои имаат најмногу финансиски инвестиции, како на пример во источна и јужна Африка, каде новите инфекции со ХИВ се намалени за 57% од 2010 година“, се вели во извештајот.

Сепак, се додава дека има голем пораст на нови инфекции во источна Европа и централна Азија, како и на Блискиот Исток и Северна Африка.

„Овие трендови се должат првенствено на недостатокот на услуги за превенција на ХИВ за маргинализираните и клучните популации и бариерите што ги поставуваат казнените закони и социјалната дискриминација“, се вели во извештајот.

Минатата година, 1,3 милиони луѓе се новозаразени со ХИВ, а 630.000 починале од болести поврзани со СИДА, според УНАИДС.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG