Линкови за пристапност

ОН бара истрага за смртоносен израелски воздушен напад во Либан


Војниците на либанската армија стојат настрана додека луѓето расчистуваат остатоци и урнатини на самото место каде Израел изврши воздушен напад врз селото Аито во северен Либан на 15 октомври 2024 година, Аито, Либан.
Војниците на либанската армија стојат настрана додека луѓето расчистуваат остатоци и урнатини на самото место каде Израел изврши воздушен напад врз селото Аито во северен Либан на 15 октомври 2024 година, Аито, Либан.

Израелскиот одмазднички напад врз Иран ќе има за цел само воени цели, а не нафтени или нуклеарни објекти, му рекол Нетанјаху на Бајден

Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации денеска повика на истрага за израелскиот воздушен напад во кој загинаа најмалку 22 лица во северен Либан.

Портпаролот на Канцеларијата на ОН за човекови права Џереми Лоренс изјави дека агенцијата добила извештаи дека 12 жени и две деца се меѓу убиените во понеделникот во нападот во селото Аито.

„Разбираме дека е нападната станбена зграда со четири ката. Имајќи ги предвид овие фактори, имаме вистинска загриженост во однос на Меѓународното хуманитарно право, така што законите на војната и принципите на разликата пропорција и пропорционалност,“ рече тој во Женева.

Израелската војска денеска соопшти дека воздушните сирени биле активирани во регионот на Хаифа, додека израелската противвоздушна одбрана пресретнала неколку лансирања кои преминале во Израел од Либан.

Израелските одбранбени сили, исто така, објавија дека убиле десетици милитанти во воздушни напади врз цели на Хезболах во јужен Либан.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера рече дека Израел „без сочувство ќе продолжи да го напаѓа Хезболах во секој дел на Либан, вклучително и во Бејрут“.

Одговор до Иран

Нетанјаху на американскиот претседател Џо Бајден му рекол дека израелскиот одмазднички напад врз Иран ќе има за цел само воени цели, а не нафтени или нуклеарни објекти, според американските официјални лица.

Официјалните лица беа цитирани од Вашингтон пост и Волстрит журнал, кои објавија доцна во понеделникот дека Нетанјаху го кажал тоа за време на телефонскиот разговор меѓу лидерите минатата недела.

„Ги слушаме мислењата на САД, но ќе ги донесеме нашите конечни одлуки врз основа на нашите национални интереси“, се вели во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху во вторник.

Иранскиот напад дојде како одговор на израелското убиство на Хасан Насрала, шеф на милитантната група Хезболах, поддржана од Иран, и среде конфликтот меѓу Израел и Хезболах.

Израел наведе дека ќе одговори на нападот од Иран, додека САД најавија распоредување на ракетен систем за противвоздушна одбрана и американски трупи кои ќе ги управуваат за заштита на Израел.

Хезболах истрела илјадници ракети, проектили и беспилотни летала кон Израел во текот на изминатата година, при што загинаа повеќе од 60 луѓе, но повеќето од ракетите беа пресретнати или погодени на отворено и тоа зеде неколку жртви.

Во израелските напади во текот на изминатата година загинаа повеќе од 2 300 луѓе во Либан, а според либанското министерство за здравство, повеќе од три четвртини од смртните случаи се случиле во изминатиот месец.

И покрај тоа што вниманието се префрли на Либан, Израел сè уште се бори со Хамас во Појасот Газа повеќе од една година откако нападот во октомври 2023 година во јужен Израел ја предизвика војната таму и предизвика ескалации низ целиот регион. Хезболах и Хамас се сојузници, а и двајцата се поддржани од Иран.

Во денешните израелски напади загинаа најмалку 15 лица во јужниот дел на Газа, соопштија палестинските медицински лица.

Во нападот на Хамас пред една година во Израел загинаа 1 200 луѓе и зедоа околу 250 заложници. Во израелската контраофанзива во Газа загинаа повеќе од 42 300 Палестинци, од кои, според здравствените власти во Газа, повеќе од половина биле жени и деца. Израелската војска соопшти дека во бројот на загинатите има илјадници борци на Хамас.

Бидејќи борбите во Газа сега се во својот 13-ти месец, Израел нареди целото преостанато население од северната третина од територијата долж Средоземното Море, кое се проценува на околу 400 000 луѓе, да се евакуира на југ. Израел не дозволува храна да влезе на север од почетокот на октомври.

И Хезболах и Хамас се означени како терористички групи од страна на САД, Велика Британија, Европската унија и други.

Делови од овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG