Линкови за пристапност

Обама го критикуваше писмото на републиканските сенатори до Иран


Американскиот претседател Барак Обама коментира на говорот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Конгресот на 3-ти март 2015-та
Американскиот претседател Барак Обама коментира на говорот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Конгресот на 3-ти март 2015-та

Сенаторите порачаа дека спогодбата за иранската нуклеарна програма би можела да важи само дека Обама не замине од функцијата

Американскиот претседател Барак Обама ја критикуваше групата од 47 сенатори коишто вчера го предупредија Иран дека спогодбата за иранската нуклеарна програма, којашто е предмет на преговари со Обама, би можела да трае само додека тој не замине од функцијата во 2017-та.

Во писмо до властите во Техеран, републиканските сенатори подвлекуваат дека доколку спогодбата - за којашто во моментов Иран преговара со САД и пет други светски сили - не биде одобрена од страна на Конгресот, таа не ќе претставува ништо друго освен извршен договор меѓу Обама и иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Каменеи.

Обама синоќа коментираше на писмото дека е иронично што некои членови на Конгресот сакаат да создадат заедничка кауза со тврдокорните инстанци во Иран.

„Тоа е невообичаена коалиција. Она на што ние сега ќе се фокусираме е да утврдиме дали може да постигнеме спогодба или не. Доколку успееме, тогаш ќе го претставиме случајот пред американскиот народ и убеден сум дека ќе може да ја спроведеме спогодбата во пракса“, рече Обама.

И иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф го крикуваше писмото на републиканците, велејќи дека „нема правна вредност и главно е пропаганден трик“.

Потпретседателот Џо Бајден, којшто има 36-годишно иксуство во Сенатот, кажа дека писмото се заканува да го поткопа капацитетот на наредните претседатели да договараат меѓународни спогодби и дека „е под достоинството на институцијата којашто исклучително ја ценам“.

Портпаролот на Белата куќа Џоџ Ернест изјави дека писмото е обид да се нарушат чувствителните преговори во време кога САД и пет други светски сили се обидуваат да постигнат начелен договор со Техеран до предвидениот краен рок до 31-ви март.

Иран инсистира дека нуклеарната програма е за мирнодопски потреби и веќе подолго време преговара со САД, Германија, Британија, Франција, Кина и Русија за обемот на своите нуклеарни активности, во замена за укинување на строгите економски санкции коишто ги воведоа САД и европските земји.

Претседателот на Претставничкиот дом Џон Бејнер, каде што контрола имаат републиканците, минатата недела го покани израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да одржи говор во Конгресот за, како што тврди официјален Тел Авив, лошата спогодба што се наѕира од преговорите за иранската нуклеарна програма. Бејнер го покани Нетанјаху без да ја извести Белата куќа, со тоа заобиколувајќи го нормалниот дипломатски протокол во САД.

XS
SM
MD
LG