Линкови за пристапност

Обама ќе го заобиколи Конгресот за имиграцијата


Од вчерашниот протест пред Белата куќа во поддршка на недокументираните имигранти
Од вчерашниот протест пред Белата куќа во поддршка на недокументираните имигранти

Вечерва ќе го изложи својот план за заштита на недокументираните имигранти од депортација

Во вечерашното обраќање, пренесувано во живо на националните ТВ-мрежи, американскиот претседател Барак Обама ќе го изложи својот план за заштита на недокументираните имигранти во САД од депортација.

Според медиумските извештаи, Обама планира да потпише извршна наредба што ќе им овозможи на до пет милиони имигранти да добијат работни дозволи, меѓу нив и оние со деца родени во САД, како и оние коишто се во брак со американски државјани.

Исто така, се очекува претседателот да ја продолжи извршната наредба што ја потпиша во 2012-та, а што ги заштитува од депортација младите имигранти коишто дошле во САД како деца, познати како „Сонувачи“, на тој начин што ги укинува возрасните рестрикции за оние коишто се квалификувани. Па сепак, родителите на овие деца не ги исполнуваат условите за одложена депортација.

Недокументираните имигранти, коишто ќе бидат квалификувани за заштита согласно овие извршни наредби, сепак не ќе можат да примаат бенефиции од федералната влада, како на пример субвенции за здравствено осигурување согласно Актот за достапна здравствена заштита.

Обама ќе ја потпише новата извршна наредба овој петок во Лас Вегас, сојузната држава Невада, каде има бројно население од латиноaмериканско потекло.

Републиканските законодавци жестоко ја осудија намерата на претседателот, обвинувајќи го дека ги пречекорил овластувањата. Претседателот на Претставничкиот дом Џон Бејнер рече дека Обама „ќе го цементира своето наследство на беззаконие“ и потенцијално ќе уништи секаква надеж за соработка со Конгресот по ова прашање.

Многумина републиканци тврдат дека Обама и демократите сакаат да дадат амнестија на оние коишто го прекршиле законот и бараат зајакната безбедност на американско-мексиканската граница. Но, портпаролот на Белата куќа Џош Ернест вчера изјави дека земјата преку една година чека Претставничкиот дом, под контрола на републиканците, да гласа за двопартиската имиграциона реформа што ја одобри Сенатот, каде мнозинство се` до овие избори беа демократите. Ернест рече и дека речиси секој претседател,без оглед на тоа на која партија припаѓа,уште од времето на Двајт Ајзенхауер издавал извршни наредби за да се справи со проблеми со имиграцијата.

XS
SM
MD
LG