Линкови за пристапност

Во Лондон пристигнаа првите олимпијци


Безбедносните проблеми и натаму остануваат сериозно прашање

Илјадници атлетичари почнаа да пристигнуваат во Лондон спроти почетокот на Олимписките игри, иако безбедносните проблеми и натаму се сериозно прашање во метрополата.

Едриличарскиот тим на САД пристигна меѓу првите во Лондон во понеделникот наутро.

Дин Бренер, лидер на тимот, зборуваше со новинарите на аеродромот:

„Се чувствуваме прекрасно. Убаво е да се биде во Лондон. Долго време се подготвувавме и сега е време за големиот тест.“

Првиот предизвик е да обезбедат вистински лица, на вистинско место, во вистинско време
Write your quote footer here...

Околу 350 атлетичари во понеделникот слета на аеродромот Хитроу. Овој аеродром ќе прими 240.000 патници, или во просек по 50.000 дневно.

Од аеродромот во југозападен Лондон, атлетичарите се упатуваат кон Олимпиското село во Стратфорд, североисточен Лондон.

Специјална, таканаречена „Олимписка лента“ е креирана да им помогне на атлетичарите да го избегнат сообраќајниот метеж низ Лондон.

Пристигнувањето на олимпијците доаѓа во време на разгорена дебата за безбедносните мерки за Олимпијадата во домашните медиуми. Минатата недела се појави вест дека приватна фирма од областа на безбедноста која требала да најми персонал за игрите не успеала да обучи доволно лица. Како резултат на тоа, британската армија со 3500 припадници мора да ги пополни празнините кои се јавиле во областа на обезбедувањето.

Првиот предизвик е да обезбедат вистински лица, на вистинско место, во вистинско време
Дејвид Рубенс

Консултантот за безбедносни прашања Дејвид Рубенс за Гласот на Америка потврди дека остануваат два предизвици за безбедноста на Игрите:

„Првиот предизвик е да обезбедaт вистински лица, на вистинско место, во вистинско време, кои се соодветно обучени да се грижат за милиони луѓе кои доаѓаат во Лондон“, вели Рубенс.

Вториот предизвик е, вели тој, координирање на илјадници луѓе кои се одговорни за обезбедувањето, за да се овозможи непречено одвивање на игрите.

„Мислам дека има 20.000 волонтери, 16.000 војници и 10.000 лица од приватни фирми за обезбедување. Сите ќе бидат под една команда и тоа ќе биде голем предизвик“, вели Рубенс.

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Жак Рог, рече дека обезбедувањето на лондонската Олимпијада не е компромитирана со недоволниот број на безбедносен персонал.
XS
SM
MD
LG