Линкови за пристапност

Маслинови насади успеваат во снежниот Орегон


Маслинови насади успеваат во снежниот Орегон
Маслинови насади успеваат во снежниот Орегон

Нов предизвик им се арбекина, лечино и франтојо – видови на маслинки

Земјоделците во северозападниот дел на САД со децении , како и насекаде во светот, се познати по одгледувањето на житни култури. До пред неколку децении, никој не ни помислуваше дека во сојузната држава Орегон, на пример, може да се одгледува грозје за производство на вино. Но, по повеќегодишни напори, од овој регион сега доаѓа одлично вино. Денес се работи за индустрија од 1,4 милијарди долари.

Сега на повидок е подем на уште едно невообичаено растение за регионот.

Пол Дурант се занимава со земјоделство заедно со своите родители на висорамнините во градот Данди, Орегон. Неколку децении наназад, тие одгледуват грозје од видовите пино ноар и шардоне.

Нов предизвик им се арбекина, лечино и франтојо – видови на маслинки.

Маслинки во дождливиот и снежен Орегон?

Маслинови насади успеваат во снежниот Орегон
Маслинови насади успеваат во снежниот Орегон
Дурант вели дека е навикнат на скептицизмот и сугестиите дека поради тоа што климата не е медитеранска, маслинките нема да успеат.

Отпочнал да одгледува маслинови дрвја уште пред шест години и сега поседува 13.000 садници. Од прва рака има искусено колку тешко може да биде. Пред две години, снежен нанос од еден метар речиси ги затрупал садниците. Минатата година, пак температурата се спуштила на минус 13 степени Целзиусови, што резултирало во огромни загуби.

Дурант останал упорен во намерата да одледува маслинки. Точно знаел кои од видовите дрвја преживеале за да се прилагоди на ситуацијата. Благодарение на искуството во инженерството, поставил изолација на маслиновите дрвја против ниски температури. Креативноста не запрела таму. Дурант планира дополнителна изолација на почвата и корените на дрвјата, а размислува и за големи фенови за пренесување на потоплиот воздух кон насадите што се на повисока надморска височина. Освен одржување на температурата, аспект што не смее да се заборави е и процедурата на опрашување, вели фармерот.

Дурант овој проблем го решава преку садење на различни маслинови дрвја на секое од полињата со цел да се изврши вкрстено опрашување.

Маслинови насади успеваат во снежниот Орегон
Маслинови насади успеваат во снежниот Орегон

Дурант се присеќава на многуте години минати во одгледување на грозјето, почнувајќи од 1973-та, со безброј експерименти и обиди за да се креира првокласно вино. Семејството Дурант во моментов одгледува околу 24 хектари лозје, а Пол Дурант се надева дека неговите маслинови насади еден ден ќе доживеат ист успех.

Дурант со гордост раскажува дека само што завршил со пресирање на преку 900 килограми маслинки - двојно повеќе од минатата година. За следната година, од снежниот Орегон, очекува уште повеќе маслинки!

XS
SM
MD
LG