Линкови за пристапност

САД - најголем светски производител на нафта


Економистите велат дека САД се на пат да ги надминат Русија и Саудиска Арабија во нафтеното производство со што ќе престане зависноста од странска нафта

Растечкото користење на напредна техника на екстракција го зголемува американското производство на нафта, според главниот економист на американскиот Институт за нафта, Џон Фелми.

Тој вели дека експертите се` уште ги сумираат цифрите за производството, но САД се или наскоро ќе бидат најголемиот светски производител на нафта.

Фелми вели дека зголемувањето на домашното производство на нафта и гас во голема мерка ја намалило побарувачката од странство.

„Триесет и пет до 40 проценти нето, што е значително намалување од 60 проценти“, вели Фелми.

Претседателот на институцијата Стратегиско економско и енергетско истражување, Мајкл Линч, вели дека зголемувањето на нафтените резерви ставило притисок на цените на нафтата да бидат намалени, поттикнувајќи го американскиот економски растеж.

„Потрошувачите ќе имаат повеќе пари во нивните џебови откако ќе платат за бензин и други работи, инфлацијата ќе биде помала, а исто и цената на електричната енергија, природниот гас, пластиката и превозот – сите ќе одат надолу“, вели Линч.

Грижата за резервите и цената на нафтата е една од причините што САД испратија половина милион трупи во првата војна во Заливот во 1990 кога Ирак го зазеде Кувајт, кој е веднаш до Саудиска Арабија.

Аналитичарот Сајмон Хендерсон од вашингтонскиот Институт за политика на Далечниот исток вели дека помалку загриженост за нафта ќе направи потешко американските претставници да можат да ги убедат гласачите да платат повисока цена за воените акции за помагање на Саудиска Арабија во иднина.

„Дека треба да внимаваме на Блискиот исток заради неговото влијание на светскиот нафтен и енергетски пазар овде во САД станува се` послаб аргумент. Луѓето, на пример во Минесота, или каде било, ќе речат – зошто да се грижиме за Саудиска Арабија?“, вели Хендерсон.

Хендерсон вели дека Саудијците веќе се жалат што Вашингтон нема многу слух за саудиската загриженост за растежот на ривалскиот Иран и немање волја да преземе силна акција за прекин на граѓанската војна во Сирија.

Во минатото, Саудијците му помогнаа на Вашингтон со зголемување на производството кога цените беа високи. Хендерсон вели дека во вакви услови Вашингтон може да ги направи помалку волни да преземат слични акции.
Но аналитичар од Институтот за анализа на глобалната безбедност, Ан Корин вели дека цената на нафтата неколку пати се зголемила и покрај акцијата на Саудијците:

„Заедничкиот интерес што се смета дека американските лица кои ја прават политиката го имаат со Саудиска Арабија, да се држи под контрола цената на нафтата, е тотално невистинита перцепција“.

Таа вели дека саудијските лидери најверојатно ќе ги држат високи цените на нафтата зашто им треба профит. Корин вели дека саудијските лидери биле вознемирени со востанијата на арапската пролет во другите држави и значително го зголемиле вложувањето во социјални програми во надеж дека ќе го амортизираат незадоволството што може да е закана за нивното владеење.

Но растечкото производство на нафта во САД многу веројатно ќе го намали влијанието на Саудиска Арабија на тоа колку Американците плаќаат за полнење на резервоарите на нивните возила.
XS
SM
MD
LG