Инженерите на БП продолжуваат да бараат нови начини за запирање на огромнио излив на нафта во Заливот на Мексико откако напорот за покривање на истекот со купола не успеа.
БП во понеделникот кажа дека одливот до сега ја чини компанијата околу 350 милиони долари само за одговорот по инцидентот, вклучувајќи ги и трошоците за запирање, порамнувања и друго.
Во Вашингтон, претседателот Барак Обама треба да се сретне со членови на кабинетот и високи претставници за ревидирање на напорите на БП за запирање на одливот, за да се осигура дека се` што е можно е направено за да се спречи ширењето на излеаната нафта.
Претставници на БП велат дека компанијата разгледува листа на опции за затворање на отворот, вклучувајќи и употреба на помал контејнер наречен шешир.
Претставниците исто така велат дека инженерите можат да вбризгаат отпаден материјал како изрендана гума во бунарот – што би имало функција на затварач..
Официјални претставници велат дека бунарот испушта околу 795 илјади литри сирова нафта во водите на заливот секој ден.
Во саботата претставници на БП соопштија дека кристали на гас што личат на мраз го оневозможиле нивниот обид за употреба на четири ката висока купола за собирање на дел од нафтата што се излива. Кристалите ја запушиле цевката што требало да ја изнесе нафтата на површина.
Посетители на плажите во неделата нашле дамки од нафта на Островот Дафин, во близина на брегот на Алабама. Официјални лица ја тестираат нафтата да утврдат дали е од изливот на БП.
Нафтата исто така стигна до брегот на Луизијана, каде има многу кревок хабитат на живиот свет.
Излевањето започна по експлозија на платформа за дупчење нафта на 20 април која потона два дена подоцна. Единаесет работници загинаа во несреќата.
Преживеани велат дека експлозијата била предизвикана од огромен меур на гас метан што се искачил по нафтоводната цевка на платформата и се запалил на површината.