Линкови за пристапност

Охридската пастрмка станува загрозен вид


Според експертите, поради човечката негрижа состојбата со овој ендемски вид на риба и понатаму е повеќе од загрижувачка.

Ќе бидат потребни преку 40 години за повраток на Охридската пастрмка во водите на Охридското Езеро, на ниво од 90-те години, сметаат екологисти и спортските риболовци. Според нив, поради човечката негрижа состојбата со овој ендемски вид на риба и понатаму е повеќе од загрижувачка.

„Ако ништо не се преземе итно, тогаш верувам дека Охридската пастрмка ќе ја имаме само на слика. Како што е тргната работата, за 5 до 10 години, може да се случи да ја бараме пастрмката со микроскоп. Мислам дека нејзиното уништување почна во 1991-та година и тогаш се уловени преку 150 тони, само на нашата страна. Од тој ден, наваму, имаме се` помалку и помалку“, вели Радован Димитриески, од Спортското риболовно друштво „Свети Апостол Петар“.

Екологистот Лазо Наумоски од Охрид, предупредува дека големи се можностите бројноста на Охридската пастрмка наредните години да се намали за дури 80 проценти.

„Се` ова што се случува со Охридската пастрмка е резултат на високите пловечки мрежи во 1986-1987 година. Тие беа фатални и нивното користење беше еднакво на атомска бомба. Најлошото е што Охридската пастрмка се повлече во длабочините на езерото на 50-100 метри. И секоја риба која се мрести на поголема длабочина, ќе ја има многу малку“, вели Наумоски.

За пастркмата и за нејзиниот мрест се говори и во документралнот филм „Танцот со пастрмките“ на охридскиот нуркач Милутин Секулоски, кој неодамна беше прикажан во Охрид. Филмот кој се снимал 5 години и на длабочина до 40 метри, меѓу другото сака да упати порака и за нејзина заштита.

„Со нуркање се занимавам повеќе од три децении. И пастрмката ја следиме сите овие години и знаеме дека во последно време ја има се` помалку и помалку. За пастрмката знаеме дека за да достигне до еден килограм, и` требаат 7 години. Особено оние кои се поголеми матици кои имаат поголема количина на икра, тие се веќе речиси изловени. Некои мрестови веќе и не постојат“, вели Секулоски.

Најинтересен момент од филмот е кога нуркачот се бакнува со една пастрмка под вода. Идејата е истиот да се искористи и за туристичка промоција на Охрид.

Но, и покрај се`, се прават напори преку вештачки мрест кој годинава започна за какво-такво враќање на пастрмката во езерото. На овој начин поголеми единки од пaстрмката познати како матици се ловат за собирање икра за вештачки мрест кои се одгледуваат во мрестилиштето на Хидробиолошкиот завод во Охрид. Годишно се собираат меѓу два и два ипол милиони икри. Откако ќе достигне одредена тежина, подмладокот се пушта во водите на езерото.

Спортските риболовци бараат 10-те милиони денари кои државата секоја година ги одвојувала за вештачки мрест, да ги пренаменат за физичка заштита на езерото, а пастрмката да се остави сама да се мрести по природен пат.

XS
SM
MD
LG