Сезоната на плажите во Охрид е отворена. Тие почнаа да се полнат со домашни гости, но и со странски туристи, кои за првпат доаѓаат на Охридското Езеро.
„ Дојдовме од Данска. Скоро секоја година доаѓаме. Многу убаво место, особено стариот дел на Охрид. Овде е и доста евтино е за нас, во споредба со другите места“, вели една туристка.
Гостите се одушевени и од охридските ресторани.
„Ми се допаѓа воздухот, градот, особено стариот дел. Рестораните се добри“, вели друг турист.
Изминтавие години никнаа и неколку нови хотели, а старите се реновираат. Изградени се современи спа-центри со затворени базени, содржини кои ги немаше порано.
Од хотелот „Аквалина“, кој постои веќе две години, велат дека нивна цел е да привлечат гости во текот на целата година.
„Моментално работиме со гости од Турција. Имаме најава и за руски гости. Нудиме соби со џакузи и со сауни. Доста се бараат тие соби. Во тренд се. Можеме да понудиме и спортски терени. Планираме да ја продолжиме сезоната и со спортски туризам“, рече Иљче Димитриевски, менаџер за продажба во хотелот.
Хотелот „Силекс“ , пак, е атрактивен за гостите со отворениот базен во рамки на комплексот.
„Ние сме од градот Катовице во Полска. Првпат сме во Охрид. Многу е добро, ни се допаѓа убавиот град како и Охридското Езеро. Има убави цркви и манастири. За Охрид слушнавме од наши пријатели кои претходно беа овде“, рече туристка од Полска.
Тошо Чочороски менаџер во хотелот „Силекс“ вели дека се` уште се чувствуваат последиците од политичката и од бегалската криза.
„Состојбата се нормализира, но, многу од гостите се определиле за патување во други држави. Анкетираме гости од странство, кои се нивните потреби и нивните желби, и се организираат дополнителни настани“, вели Чочороски.
На први јули, со манифестацијата „Бело Лето“, Охрид официјално го означи старот на туристичката сезона со музички концерти, настапи на жонглери и на пантомимичари, а угостителите работат во текот на целата ноќ.