Линкови за пристапност

Охрид: Како да се заштити озонската обвивка?


На состанокот на државите од Европа и Централна Азија беше нагласен придонесот на Македонија со воведување нова технологија поволна за озонот во атмосфрата.

Охрид од денеска е домаќин на годишниот состанок на Регионалната мрежа на Канцеларии за заштита на озонската обвивка на земјите од Европа и Централна Азија, за чие формирање Македонија беше иницијатор, пред 16 години.
За придонесот на Македонија во овој домен зборуваше Министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми:

„Ние сме меѓу најуспешните земји, не само во регионот туку и пошироко. Канцеларијата за озон, која функционира во рамките на Министерството за животна средина, ги координира сите активности околу заштитата на озонската обвивка, почнувајќи од имплементацијата на конкретните проекти со индустријата, па до обука во средните училишта“, рече Адеми.

Пред присутните зборуваше и Марко Гонзалес, извршен секретар на Секретаријатот за озон (UNEP). Тој истакна дека Република Македонија постигнала усогласеност со обврските на протоколот од Монтреал многу порано отколку што било очекувано.

„Меѓународната заедница го потврдува придонесот што го дава Република Македонија во заштитата на озонската обвивка. Македонија придонесува со тоа што во индустријата ја менува технологијата со технологија што е поволна за озонската обвивка. И на меѓународно ниво исполнувањето на обврските од протоколот е на многу високо ниво. Нивото на намалување на овие хемикалии е 97 проценти споредено со базичната годин“, рече Гонзалес.

Состанокот во Охрид ќе трае до 23-ти мај. Учествуваат деведесеттина претставници од земјите на регионот на Европа и Централна Азија, високи претставници на Секретаријат за заштита на озонската обвивка и на Мултилатералниот фонд на Монтреалскиот протокол за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка, како и други експерти.
XS
SM
MD
LG