Линкови за пристапност

Еколозите бараат Северна Македонија сериозно да ги сфати препораките на УНЕСКО за Охрид


Ако државата и општинските власти сакаат ова прашање да се реши, а кое е едно од главните барања на УНЕСКО, и за регионот да не го загуби статусот кој го има како заштитено подрачје веќе четири децении, тоа може да се направи, велат тие

Решение за проблемот со дивоградбите во регионот околу Охридското Eзеро има, сметаат еколозите.

Ако државата и општинските власти сакаат ова прашање да се реши, а кое е едно од главните барања на УНЕСКО, и за регионот да не го загуби статусот кој го има како заштитено подрачје веќе четири децении, тоа може да се направи.

„За секоја градба од констатираните треба да се направат поединечни студии за влијанието врз животната средина. За оние за кои студиите ќе покажат дека има треба да се рушат. Не само за оние кои се на 50 метри во заштитениот појас, туку за сите, треба да се направат такви анализи“, рече за Гласот на Америка Трајче Талески, од еколошкото движење „Охрид СОС“.

„Ќе биде потребна голема умешност да се справат со сите дивоградби, бидејќи не е правилно едни градби да се рушат, а други градби да останат на тоа место. Веројатно ќе се прави и оценка за влијание врз животната средина врз сите тие дивоградби, дали поединечно или заедно, во зависност од тоа во кој регион се наоѓаат“, вели Ѓоко Зороски од ДЕМ - Движење на екологисти на Македонија.

Зороски вели дека ќе биде мошне тешко во овој краток период сите тие градби да се срушат или да се елиминираат како што бара УНЕСКО.

Според него, и Општина Струга ќе мора да каже колку дивоградби има на нејзина територија, бидејќи целиот регион околу Охридското Езеро е нераскинливо поврзан.

„Охридското Езеро се гледа како една целина. Тие дивоградби не се ни малку различни од делот на Охрид. Ќе мора да се реагира подеднакво и во делот на Струга, бидејќи и таму имаме големи природни вредности, особено на западниот дел од крајбрежјето, кој се граничи со планината Јабланица“, вели Зороски.

Талески, пак, додава дека времето поминува и оти во извештајот кој што државата треба да го достави до февруари 2020 година, мора да се стави се` што е реализирано.

„Мора да покаже дека се сериозно заинтереснирани за УНЕСКО“, додава Талески.

Од невладината организација Фронт 21/42, велат дека општините од 2017 година па наваму, имаат законска обврска, не само да ги прекинат сите градежни активности, како што сега им препорачува Владата, туку и да ги стопираат сите постапки за урбанистички планови.

Додаваат дека општините се тие кои се надлежни за донесување на ГУП, ДУП, урбанистички план вон населено место, локална урбанистичка планска документација, како и одлуки за употреба на земјиштето во крајбрежниот појас.

„Комитетот за светско наследство бара да се воспостави мораториум на секаква урбана и крајбрежна трансформација која, според нашите закони, е во надлежност на Општината. Општината има уставна и законска обврска да ги стопира сите градежни активности и постапки за урбанистички планови, уште од 2017 година. Според официјалното толкување на ИУЦН (советодавното тело на УНЕСКО за природа), кое го побаравме уште во јули 2016 година промени во постоечки планови се сметаат за чекор во спроведување на проекти за урбана и крајбрежна трансформација“, изјави за Гласот на Америка Александра Бујароска од Фронт 21/42.

Од оваа организација бараат Општина Охрид да ги прекине постапките за дваесеттина урбанистички планови и плански документации донесени во периодот од 2017 до 2019 година.

„Сите овие урбанистички планови донесени во периодот 2017-2019 година се директно и многу свесно прекршување на препораката на УНЕСКО. За ниту еден од овие планови нашата држава не го извести УНЕСКО, со што прекрши уште една препорака – редовно и целосно да го известува УНЕСКО за сите планови и проекти. Се надеваме дека овој пат и централната и локалната власт навистина имаат сериозна намера да почнат да ги спроведуваат препораките на УНЕСКО и да спречат понатамошно уништување на нашето најголемо богатство“, велат од Фронт 21/42.

Бујароска од Фронт21/42 вели дека препораката број 9 на УНЕСКО, во врска со илегалните градби во рамките на доброто мора да се почитува, и истото гласи: Да се изготви детален инвентар на сите нелегални градби во рамки на доброто и спроведе релевантни проценки на влијанието врз наследството и животната средина за да го оцени нивното влијание врз исклучителните универзални вредности на доброто; Да ги отстрани сите нелегални градби во рамки на доброто и особено оние во рамки на Националниот Парк Галичица, кои се смета дека претставуваат закана за доброто, вклучувајќи ги и неговата автентичност и состојба на интегритет, и да осигура строго спроведување на постоечките закони и регулативи за да превенира било какви понатамошни нелегални градби во рамки на доброто.

И итната мерка поврзана со оваа препорака, требаше да биде спроведена најдоцна до 01.02.2018 година.

„Да го стопира процесот на легализација на сите нелегални градби во рамки на доброто, се` додека не се воспостави инвентар на сите градби и не се спроведат релевантните проценки на влијанието врз наследството и животната средина“, вели Бујароска.

Премиерот Зоран Заеев очекува општините да постапат по сите дивогради во регионот.

„Очекуваме општините да постапат за дивоградбите во Охридскиот регион. Ако не можат да го направат, тогаш ќе преминеме во преземањето на ингеренциите од државата. Тоа е наша обврска согласно УНЕСКО. Во иднина ќе имаме режим за Охрид, Струга, заради почитување на стандадните на УНЕСКО“, изјави Заев.

Неодамна градоначалникот на Струга Рамиз Мерко писмено побара од Владата сите надлежности кои ги има општината во делот на урбанистичко планирање, градежни дозволи и издавање на концесии, како и во делот на спроведување на забелешките од страна на УНЕСКО, да ги предаде на централната власт, а со цел спроведување на законите.

Во меѓувреме Владата, на 146 седница донесе одлука да се повлече новиот Закон за управување со Охридскиот регион. Во исто време на општините им се препорачува да прогласат мораториум на градежните активности, како и да изготват акциски план за спроведување на препораките на УНЕСКО, во рок од десет дена.

Од општина Охрид пак информираат дека ќе ги разгледаат законските можности во однос на владината препорака за прогласување на мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство.

Во рок од 10 дена ќе бил изготвен Акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО. Оттаму очекуваат дека заеднички со Владата ќе се решаваат сите препораки на УНЕСКО и дека ќе ги поправат сите грешки од минатото.

„Целта е на наредната сесија на Комитетот за светско наследство, конечно да биде отстранета опасноста за ставање на Охридскиот регион на листата на заштитени подрачја во опасност.“, велат од општина Охрид.

Во моментот општинските служби, вршат поединечна ревизија за секој предмет кој е дел од регистарот на дивоградби и поеднечно ќе се носат одлуки за понатамошно постапување. Исто така во тек е постапката во врска со огласот за јавна набавка за ангажирање на градежна механизација за спроведување на административно управни акти за рушење на дивоизградени објекти.

Инаку според регистарот на дивоградби кој пред речиси еден месец го изготви локалната власт во Охрид, од повеќе од 1000 дивоградби, 409 биле во заштитениот појас на Охридското Езеро, Националниот парк Галичица и стариот дел на градот.

Но според првиот човек на Охрид, градоначалникот Константин Георѓиевски на прстите од двете раце се броеле големите објекти.

Тој кажа дека без помош од државата сами нема да можат да го решат овој долгогогодишен проблем.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG