Здравствената криза која ја предизвика пандемијата со Ковид 19, наметна нови правила на работа и на угостителските објекти.
Пиењето на кафе или ручањето покрај Охридското езеро е задоволство, но сега и голем предизвик како за гостите така и за персоналот, кој работи во угостителските објекти. Покрај строгите мерки за работа, охридскиот ресторан „Чун“ оди и чекор понапред кога е во прашање безбедноста нагостите.
Наместо на традиционалниот начин со мени, во овој ресторан овде сместен покрај самото Охридско езеро, со еден клик на телефонот сега, можете да го порачате вашето омилено јадење. А, што се ви е потребно за тоа. Доволно е само да го скенирате т.н бар код поставен на секоја од масите. Ја разгледувате листата на храна и пијалоци и ја правите нарачката.
Менаџерот на ресторанот,Трајче Ристевски вели дека на ова иновативно решение работеле за време додека ресторанот бил под клуч, поради ситуацијата со корона вирусот.
„Самото отварање наложи да имаме безбедносни мерки и да работиме по тиемерки. И како една претпазливка мерка беше и ова електронско мени, каде не ќе мора на гостинот да му даваме мени, кое се префаќа од рака на рака,а со тоа покрај гостите да се заштитиме и самите ние, персоналот“, вели тој.
Ристевски вели дека ќе биде потребно време гостите да се одвикнат од старите навики. „Има и такви кои имаат потешкотии, но тука е персоналот, келнерите да им сугерираат и да им помогнат и засега мислам дека е во ред“.
Меѓу малкуте гости кои овде ги затекнавме беа Дубравка и Лидија, туристки од Скопје. Велат дека е добро што повеќе ресторани да го воведат ова.
„Може некој неможе да се снајде. Да знае што е како е, да го намести телефонот, да слика и да го отвори. Инаку за мене е ок, нема проблем. Менито во принцип е и најгадната работа во секоја кафана, така е и докажано“, вели Лидија.
„Се заштитуваме колку можеме. Не седнуваме во принцип, но сега така ни дојде. На убаво време на по едно кафенце“, вели Дубравка.
Сите ресторани во моментот работат со преполовен капацитет и според соодветни протоколи кои ги наложи државата. Соодветно растојание помеѓу масите од метар и половина до два, најмалку по две лица на една маса или четворица ако се од иста фамилија, средства за дезинфекција, редовно дезинфецирање на простороти соодветна заштина опрема на вработените.
Facebook Forum