Со изведбата на кантатата „Кармина Бурана“ на Карл Орф, доловена од светски познатиот ансамбл од Шпанија „Ла Фура делс баус“, на 12-ти јули во Античкиот театар во Охрид ќе биде отворено годинешното 55-то јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“.
„Познатиот анасмбл „Ла фура делс баус“ во својата тридецениска историја бележи стотици успешни настапи низ целиот свет и повеќе од 100.000 посетители. Во 1992-ра година ги отвори Олимписките игри во Барселона. На сцената на Античкиот театар на отворањето на годинешното издание на „Охридско лето“, покрај еминентните актери и оперски солисти од Шпанија, ќе настапат и музичарите од оркестарот на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија. Уверена сум дека изведбата на кантатата „Кармина Бурана“ во која се применети нови мултимедијални технологии и која медиумите во светот ја оценија како необично уметничко патување, ќе ја освои и стручната јавност и македонската публика“, рече министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, откривајќи детали од фестивалската програма.
Според министерката, годинешното издание ќе опфати гостувања на врвни имиња и ансамбли од Европа и од целиот свет, над 30 музички настани, 14 театарски претстави, седум изложби како и други активности.
Директорката на „Охридско лето“ Елизабета Јанкуловска најави дека 40-те фестивалски денови, на сцената на Античкиот театар, во црквата „Св. Софија”, на сцената Долни Сарај и во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе се оддржат над 50 културни настани, а љубителите на уметноста ќе можат да уживаат во изведбата на звучни музички имиња од земјава и светот.
„Фестивалската историја запиша вкупно 1.522 настани од кои 515 драмски и 2.120 музички. Ветивме дека сето тоа ќе го спакуваме во документарен филм кој ќе го прикаже патот на успешната приказна од далечната 1961 година кога првенката на македонската Опера, Ана Липша – Тофовиќ заедно со својот сопруг и неколку пријатели разгледувајќи ја црквата „Света Софија“ запеа во прекрасната акустика на овој простор, па се’ до денес. Тоа го реализираме. Љубителите на уметноста ќе имаат прилика да го погледнат патот на успехот на најпрестижниот фестивал на филмско платно, да ја видат сцената која преставува собиралиште на најпознатите светски звезди, најголемите македонски уметници, најатрактивните театарски куќи“, подвлече Јанкуловска.
Како што нагласи директорката на фестивалот, тој придонесува за развој на туризмот, како во поглед на бројот на гостите кои пристигнуваат во Охрид, така и според квалитетот на културната програма којашто им се нуди на туристите.
Музичката селекторка на фестивалот „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска, најави дека убилејното 55-то фестивалско издание повторно ќе биде во знакот на највисоките музички достигнувања во светот коишто ќе има можност да ги види и охридската публика.
„Еден од симболите на фестивалот, црквата „Света Софија“ и годинава ќе биде домаќин на најголемиот дел концерти во рамките на „Охридско лето“. Првиот ќе се одржи два дена по отворањето на фестивалот. Се работи за солистичкиот концерт на реномираниот руски пијанист Андреј Коробеиников. Два дена потоа најавуваме уште еден извонреден руски пијанист, Николај Лугански. Како кулминација во редот на пијанистите го најавуваме пијанистот што критиката го нарекува еден од најголемите и најконтроверзните пијанисти на своето време, Иво Погорелиќ“, рече Јосифова – Неделковска.
Во музичкиот дел на фестивалот ќе настапат оскаровецот Луис Бакалов, Един Карамазов, виолинистот Максим Вангеров, а со посебен пиетет, како што нагласи селекторката на музичката програма, ќе им се даде соодветен простор и на македонските музички автори и изведувачи. Традиционално, и годинава на фестивалот ќе се одржат Полска вечер, Вечер на Европската унија и Француска вечер, а ќе настапи и дуото „2 Целлос“ коешто на Охридско лето беше и во 2012-та година.
Директорката на „Охридско лето“ најави дека и годинава фестивалот ќе го промовира културното наследство пред уметниците-учесници, преку презентација на историските знаменитости на градот во рамките на проектот „Охридско лето ви препорачува“.