Македонско по долги години ќе биде отворањето на годинешново 61-во издание на фестивалот Охридско лето. На 12-ти јули на Античкиот театар во Охрид, ќе настапи Македонската опера и балет со проектот „Големиот Чајковски“, под диригентската палка на Бисера Чадловска. Годинава на Охридско лето во целата оваа ситуација на пандемија, ќе настапат повеќе од 500 уметници од 18 држави од светот.
„Ќе слушнете многу македонски звучни имиња, кои не живеат во нашата земја, но творат на меѓународната сцена. Барокниот ансамбл “Театро ала мода” од Холандија, во чиј состав е нашата уметничка, чембалистка, Цветанка Созовска. Македонскиот контрабасист кој е член на филхармонијата на Малта, Ѓорѓи Цинциески, под уметничка соработка на Марија Вршкова. Ќе настапат и Надја Неволовиќ виолинистка од Белгија, која ќе биде придружувана од нашата пијанистка Калина Мрмеска, која живее во Њујорк. Ги поканив најдобрите и најхрабрите кои ќе допатуваат од повеќе страни на светот, со една единствена мисија, за спас на уметноста и културата и нејзино славење во ова чудно време“, изјави Даница Стојанова, музички селектор на Охридско лето.
Фестивалот и годинава како и минатата се спроведува во специфични услови на пандемија. Организаторите најавија дека ќе ги почитуваат сите протоколи кои им биле дадени од страна на Комисијата за заразни болести со ограничен број на публика, најмногу 70 отсто од капацитетот.
„Гордост но и голема одговорносте е да се зборува за врвна програма во време на ковид-пандемија кога секој настан се реализира по строго утврдени заштитни мерки по препорака на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство на Република Северна Македонија. За сега капацитетот на гледалиштата се 50%. Маските на отворено нема да се носат..Протоколите се меснуваат од ден на ден. Имаме повеќе од еден месец до отварањето и можеби ќе се намалат на 30% од капацитетот на пбликата“, изјави Наташа Поповиќ, директорка на Охридско лето.
Дел од програмата годинава ќе има и хуманитарен карактер.
„Во време кога сите обединети се справуваме со пандемијата, во време кога здравствените работници се нашите херои, одлучивме концертот „Танец и Ладо под ѕвездите“ на Н.У. Ансамбл за народни игри и песни „Танец“, Македонија и Ансамбл на народни хрватски игри и песни Ладо, Хрватска кој е на програмата на 28-ти јули на Античкиот театар да биде од хуманитарен карактер. Средствата од влезниците ќе бидат донирани во здравството. Со тоа ќе покажеме дека сите сме заедно и сплотени во борбата со коронавирусот, но и ќе оддадеме благодарност за сѐ она што го прават медицинските лица“, додаде Поповиќ.
Оваа година драмската програма е составена од домашната продукција, создадена во овие специфични услови во кои мораа да работат театрите како и двете најголеми театарски куќи од Србија, Српски народен театар од Нови Сад и Југословенски драмски театар од Белград.
Затворањето на 61-то Охридско лето, ќе биде со Југословенскиот народен театар од Србија, на сцената на Долни Сарај во Охрид.
Facebook Forum