Локален ресторан за брза храна во Охрид го сврте вниманието на јавноста, откако ги отвори вратите и почна да служи бесплатен топол оброк за сите оние луѓе кои немаат доволно средства да посетат ресторан. Ваквата акција се прави секој ден по еден час. Сопствениците на ресторанот велат дека ова е само мал чекор кон поголеми нешта.
„Се надеваме дека ќе имаме и други акции. Секој кој не може да си дозволи оброк ќе може да дојде и ќе биде послужен со чај, супа, овошје, тост. Треба повеќе ресторани или сендвичари да се вклучат во ваква или слична акција за да немаме гладни во Охрид“, вели сопственикот Александар Златаноски.
Корисниците на оваа услуга не сакаа да зборуваат пред камера, бидејќи не сакаат да бидат видени од средината во која живеат.
Ваквата идеја дошла од млада девојка од Охрид, која е дел од иницијативата позната како Ретвитни оброк, а која веќе успешно функционира во Скопје. Секоја сабота во центарот на главниот град се делат повеќе од 200 оброци на луѓе кои неможат да си го дозволат тоа.
„Ретвитни оброк се залага за достоинствен оброк за сите, припремен оброк со љубов како за себе. Се започна од еден твит, како младите фотографираат оброци на инстаграм, и наместо да ги споделат тие оброци во реалниот живот, тие ги споделуваат само на социјалните мрежи. Може да замислите што би се случило кога навистина би ги споделиле овие оброци со некој кој неможе да си ги дозволи?“, вели Злата Голабоска од иницијатива Ретвитни оброк.
Голабоска се надева дека иницијативата ќе има успех во Охрид но, и во останатите помали места каде планираат да ја рашират. Ги повикуваат сите угостители во Охрид, да одвојат барем по еден час во нивните објекти за нивните сограѓани.
Според податоците на Црвениот крст, само во Охрид околу 700 семејства имаат потреба од некаква врста на помош.
„Секој кој ќе тропне на нашата врата, дошол кај нас со солзи во очите и кажува дека има потреба од помош, ние не проверуваме туку веднаш помагаме. Таа помош некогаш е повеќекратна, некогаш е еднократна. Помагаме онолку колку што успеваме да обезбедиме преку нашите кампањи, преку донациите на хумани граѓани или компании“, рече Мимоза Ставрева од охридскиот Црвен крст.
Според официјалните статистички податоци речиси половина милион Македонци живеат под прагот на сиромаштијата, односно 457 илјади или 22,1 проценти од вкупното население.
Facebook Forum