Линкови за пристапност

УНЕСКО: Охрид на листата на загрозено светско културно наследство?


Подрачјето се соочува со неповратни трансформации на целокупната врска меѓу историскиот град, археолошките остатоци, природниот амбиент и Охридското Езеро, стои во Извештајот на УНЕСКО

Властите во Македонија не успеале да ги исполнат приоритетните препораки на Комитетот за светско наследство на Организацијата за образование, наука и култура на ООН (УНЕСКО) во зададената двегодишна рамка.

„Несоодветна градба со несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот“, се дел од заклучоците на УНЕСКО за случувањата во Охрид, последните години.

Во нацрт - извештајот, што ќе се разгледува на 43-та Конференција на Комитетот за светско наследство, во јуни во Баку, УНЕСКО соопштува дека нема доволен напредок во решавањето на проблемите и на постојаните закани и опасност од големите инфраструктурни и развојни проекти, како и дека досега малку е направено за имплементација на приоритетните препораки на реактивната мисија на УНЕСКО од 2017 година.

Од властите во Северна Македонија официјално се бара воспоставување на целосен мораториум за урбани трансформации на брегот на Езерото, додека „не се финализираат и усвојат ефективни законски решенија за заштита и механизми за нивно спроведување“.

УНЕСКО бара строго спроведување на законите и правилниците за спречување нови дивоградби, но, и уривање на сите објекти што претставуваат опасност за подрачјето, и предупредува на можните негативните влијанија од планираната рута за железничка пруга со Албанија врз „еден од ретко непроменетите делови од Охридското Eзеро“, изразува загриженост поради намерата да се продолжи со железничкиот Коридор 8 и покрај предлозите за разгледување на опции за алтернативни правци, и ги повикува македонските власти да ги исполнат поранешните барања на Комитетот за светско наследство и спроведат препораките на мисијата од 2017 година.

Нацрт - извештајот денеска предизвика лавина реакции, пред сè, на политичката сцена

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека „СДСМ го уништи Охрид и му го загрози статусот на заштитено подрачје на УНЕСКО“.

„Како резултат на негрижата и неспособноста на СДСМ, Охрид за првпат од 1979 година, ќе биде ставен на листата на загрозено светско културно наследство и (Македонија) ќе се најде во друштво на држави како што се Авганистан, Конго, Ирак, Палестина, Сирија и Узбекистан. За неспособноста и незаинтересираноста на СДСМ за заштита на културното наследство, говори и фактот дека не се реализирани повеќето од половина од 19-те забелешки на реактивната мисија на УНЕСКО“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ, која ја обвини владеачката партија дека „СДСМ остана глува на сите предупредувања на експертската јавност, екологистите и на УНЕСКО кои укажуваа на девастацијата и узурпација на Охрид и на неговата околина. Очигледно е дека бизнис-интересите на функционерите од власта се поважни од заштитата на Охрид и на културното и природно наследство на Република Македонија“.

Во својот одговор, Владата на Република Северна Македонија потенцира дека „пристапува со внимание и сериозност кон комплексните состојби со кои се соочува светското природно и културно наследство во Охридскиот регион со години наназад“.

Според Владата, се работи за предлог-одлука, која не е финална, и која „треба да биде стимул за сите институции и за граѓаните да се работи со поголем интензитет, за да го зачуваме нашето уникатно светско наследство“.

Владата вината ја лоцира токму во периодот кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ.

„Долгогодишното лошо управување со регионот и мегаломанските проекти кои беа закана за Езерото и за Националниот парк, беа причина УНЕСКО да испрати мониторинг мисија во април 2017 година“, и потенцира дека од почетокот на својот мандат „активно се посветила на решавање на проблемите во регионот, во соработка со општините и со граѓанскиот сектор“.

Реагираше и владеачката СДСМ, со контра-обвинување дека „токму ВМРО-ДПМНЕ остави хаос и ги предизвика последиците врз Охридскиот регион и дека нема никаков кредибилитет да зборува за регионот, по 11 години свесно уништување и загрозување на природното и културно наследство за бизнис и лични интереси на „Фамилијата’“.

Уште минатата недела, граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ предупреди дека останува отворена опцијата - Охридскиот регион да биде ставен на листата Светско наследство во опасност, бидејќи „сè продолжува по старо, не постои волја во локалната самоуправа за поправање на лошите практики“, и преку соопштение и фотографии објавени на социјалните мрежи, укажа дека Општина Охрид не ги следи препораките на УНЕСКО.

„Иако уште во 2017 година јасно беше назначено дека е потребен мораториум за градба во крајбрежните и урбаните делови, сепак, на почетокот на 2018 година е издадено одобрение за градба на локација непосредно до брегот на Охридското Езеро. Наместо запирање на урбанизацијата додека не се донесе План за управување со Охридскиот регион, додека не се усогласат и урбанистичките планови, урбанизацијата продолжува“.

Откако во април 2017, експертски тим ја посети државата, во јуни истата година, УНЕСКО побара стопирање на најавената изградба на инфраструктурни објекти на планината Галичица, со предупредување дека градежните проекти „ќе доведат до неповратни промени во заштитеното природно подрачје“:

„Мисијата на УНЕСКО изразува загриженост од зголемувањето на сообраќајот и туризмот, како и од другите слични несоодветни инфраструктурни проекти, вклучувајќи го предложениот проект за развој на ски-центар ‘Галичица’, за експресниот пат и други поединечни и некоординирани проекти за урбан развој. Сето ова може да ги влоши клучните атрибути на природните и културните вредности од природното и културното наследство, како што е целокупната форма на монументалниот урбан ентитет и биодиверзитетот во езерските води, доколку не се преземат итни мерки“, пишува во извештајот на УНЕСКО, со кој се најави ставање на Охрид на листата „Светско наследство во опасност“

На крајот на минатата година, тогашниот министер за култура Асаф Адеми и претседателот на Комисијата за управување со Охридскиот регион, Зоран Павлов, на седница на собраниската Комисија за култура, информираа за подготовката на Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките на УНЕСКО, според кој, се работело на подготовка на нов закон за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Тогаш беше соопштено дека Нацрт- законот ќе биде на јавна расправа до 27 јануари 2019, дека е изработен План за интегрирана заштита на старото градско јадро на Охрид, и дека ќе се изработи нова Стратегија за развој на туризмот, како и дека извештај за активностите на Министерството за култура и на националната комисја на УНЕСКО за Охридскиот регион ќе биде изготвен до први февруари 2019 и до 43-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.

На први февруари минатата година, кога истекуваше рокот што Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ѝ го определи на Македонија со Одлука усвоена на 41-та сесија на Комитетот за светско наследство, одржана во Краков, во Полска во јуни 2017, за поднесување Извештај за напредок во имплементацијата на препораките на здружената Мониторинг мисија на Центарот за светско наследство на УНЕСКО, на Меѓународна унија за заштита на природата (IUCN) и на Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ICOMOS), активистката Драгана Велковска, од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, во изјава за Гласот на Америка на македонски јазик, потенцираше дека „Охридскиот регион е еден од ретките локалитети во светот со двојна заштита (на културно и природно наследство), жариште на биодиверзитет, ризница на богатство кое никогаш нема да секне ако се користи со ум и со визија!“.

Но, според неа, досега „ниедна влада не покажала способност за одговорно управување со овој регион“.

Велковска потенцираше дека „Охрид не ни припаѓа само нам, на Македонците, Охрид му припаѓа на светот и на идните генерации. Ние немаме никакво право да го уништиме, имаме единствено должност да го заштитиме“.

Истиот месец, одговарајќи на пратеничко прашање, и премиерот Зоран Заев истакна дека „Охрид е наше, но и светско културно богатство, кое е под заштита на УНЕСКО. На градот му треба економски развој, но, во никој случај, не по цена да го изгуби овој статус. Затоа се стопирани сите насилно најавени градби, а сè што во иднина ќе се прави ќе биде во консултација со УНЕСКО и врз основа на неговите препораки“.

„Како Влада се зафативме веднаш со решавање на овој проблем, бидејќи за нас, таквата ситуација е неприфатлива. Затоа, се откажавме од планот за изградба на ски-центар на Галичица. Владата, исто така, се откажа од плановите за изградба на подсквенците А и Е од патот А3, а средствата предвидени за тој пат, се веќе пренаменети за регионални патишта низ Македонија“, рече тогаш Заев, кој најави и изработка на студии за заштита на животната средина, за културното и за природното богатство.

За жал, во Охрид и на крајбрежјето продолжија и последниве две години „неповратните трансформации“.

А „Охрид СОС“, покрај „ несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот“, и пред две години предупредуваше и на другите закани кои сериозно го деградираат единственото македонско Светско културно и природно наследство: „катастрофалната состојба на колекторскиот систем, огромниот внес на фосфор од реката Сатеска во Езерото, прекумерниот риболов и загубата на блатните екосистеми, се резултат на долгогодишни пропусти на системот и негрижа за богатството на регионот и тие едноставно не можат да се решат преку ноќ“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG