Линкови за пристапност

Бугарското вето е предавство на европските вредности, рече аналитичарот Едвард Џозеф на конференцијата во Охрид


Тој додаде дека ЕУ не може да биде светска сила, се` додека не го сфати сериозно Западен Балкан

Најголемиот проблем со кој ЕУ во моментот се соочува е губењето доверба кај граѓаните поради актуелните случувања со Северна Македонија и Албанија.

Ова беше заклучокот на дипломатите од земјава и странство, кои во Охрид учествуваат на првиот Преспа- форум за дијалог.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, рече дека ако се зборува за решавање на проблеми, ова е најлошиот можен тајминг.

„Регионот не е во некоја добра состојба. Во Солун во 2003-та година беа дадени ветувања од страна на ЕУ по однос на регионот, но од моја гледна точка не знаеме веќе што да очекуваме во оваа фаза. Главна пречка беше разликата со Грција. Тоа го решивме со Спогодбата од Преспа. Две години подоцна сега се соочуваме со поинаков предизвик. Проблемот со овој предизвик се однесува на идентитетот и историјата. Сега граѓаните ме прашуваат дали да се биде членка на ЕУ, може да малтретирате кого било или да убиете некого? Дали може да ве натераат да ги укинеме и медиумските слободи? Ова звучи контрадикторно, но го користам примерот за да се осветли контрадикторната состојба и позицијата во врска со македонскиот јазик. Ставот во преговарачката рамка вели законодавството ќе биде преведено на македонски јазик и Северна Македонија треба да има доволно преведувачи и толкувачи. И, ова стана проблем. Јас тврдам дека нашата борба не е само борба за македонскиот идентитет туку е и борба за европскиот идентитет“, рече Димитров.

Очигледно е дека регионот на Западен Балкан мора да биде дел од ЕУ, бидејќи економски, географски и историски припаѓа таму.

Едвард Џозеф од Центарот за трансатлански односи на САД, рече дека американските граѓани ја почитуваат Северна Македонија за она што го направила, исполнувајќи ги задачите, донесувајќи тешки одлуки за да го зачува својот национален идентитет и истовремено помирувајќи се со соседот.

„Сегашниот претседател Џо Бајден во средина на политичка кампања, ги поздрави Македонците на годишнината од Илинденското востание. Тоа немаше да се случи ако не се потпишеше Спогодбата од Преспа. Тоа е знак на почитување. И ве уверувам дека претседателот Бајден знае што Северна Македонија направила. Можам да кажам дека почитта што САД ја имаат за Северна Македонија, не може да ја најдете во ЕУ“, изјави Џозеф.

Тој додаде дека ЕУ не може да биде светска сила, се` додека не го сфати сериозно Западен Балкан.

„Ако не оддадете признание и не го исполните ветувањето за она што земјата го направила, тежок процес на преговори, при тоа зачувувајќи го својот идентитет, а потоа ЕУ не го исполни ветувањето. Тоа првпат се случи кога Франција го блокираше процесот и тоа е историска грешка. Кога тоа вторпат ќе се случи, како што е сега ситуацијата со Бугарија, тоа е предавство. Тоа е предавство на европските вредности. Врз која основа која било држава членка на ЕУ, може воопшто да оспори нечиј идентитет, како што тоа го прави Бугарија. Македонците, не им велат на Бугарите, вие сте Македонци, не сте Бугари. Оставете ја историјата на историчарите. Сконцентрирајте се на политиката и промовирајте ја оваа визија на регионот како дел од ЕУ“, додаде Џозеф.

Тања Фајон, европратеничката од Словенија, рече дека Западен Балкан ќе биде еден од приоритетите на словенечкото претседателство со ЕУ, кое стартува денес.

Според неа, отворено треба да се каже дека регионот е во лоша состојба, проширувањето и ЕУ се во лоша состојба.

„Посакувам и искрено се надевам дека институциите на ЕУ, ќе разберат дека проширувањето е исклучително важно за нас. Тоа што се случува во последните неколку години е многу себично. Мојата амбиција е дека словенечкото претседателство, до крајот на оваа година ќе успее да го направи тоа што го ветија, и ќе испорачаат резултати. Тоа важи за сите други влади, бидејќи не зависи само од словенечката влада да започнат преговори со Северна Македонија и Албанија. Мораме да ја оставиме настрана оваа себичност, овие политички теми, како бугарското вето. Ова за мене е опасно и себично. Ова се соседни земји кои мора да живеат заедно и да соработуваат“, рече Фајон.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG