„Овој мозаик е правен со мерак. Тоа може да се види уште веднаш. Не се жалени средства, ниту за стакленца, кои биде донесени од Италија, ниту за камења кои се носени од Авганистан, лапислазули - еден специфичен камен со сина боја“, вели Никола Упевче автор на мозаикот.
Според него, претставени се најважните културно-историски знаменитости во Охрид и стариот дел на градот. На делото работел цели десет години, со цел градот да го претстави на еден поинаков начин. Она што е интересно, е дека на мозаикот се прикажани и остатоци од некогашниот град Лихнид, одбележани со златна боја.
„Со појавата на „Гугл мапс“, ми се роди идејата да прикажам одредени невидливи работи со кои изобилува Охрид, затоа што денешниот Охрид е стар 1.000 години, но пред него постоел друг град кој се нарекувал Лихнид. Сите остатоци се внимателно забележани на оваа мапа и сите рано христијански базилики кои се досега познати и непознати“.
На мозаикот, со димензија од преку два метра, особено се истакнати Плаошник, Самоиловата тврдина, Античкиот театар, црквата Света Софија и други. Работел и по неколку часа на ден, и тоа со голема прецизност.
„Тука е и Богородица Перивлепта, која има прекрасни фрески и колекцијата на Галеријата на Икони, која е една од врвните во светот, Античкиот театар со својата тродимензионална форма. Сакав да ја оживеам таа можност која ја нуди мозаикот, што има разни дупки, па тоа и го направив, да ја искористам тродимензионалноста на овој специфичен објект“, вели Упевче.
За Охридското Езеро биле употребени 25 нијанси на сина боја, со цел вистински да ја долови неговата посебност. Нема точен податок колку материјал е употребен, но дел од него е локален, охридски.
Упевче се надева дека мозаикот од неговата галерија ќе биде поставен на соодветна локација во Охрид, за да може да го видат сите оние кои го посетуваат градот.
„Се надевам дека ќе се најде заеднички јазик со општината и државата, за да може ова дело да се претстави и да зрачи во овој град, кој претставува своевиден амблем на нашата култура и традиција“, изјави овој уметник.
Мозаикот кој е единствено вакво дело не само на Балканот, туку и пошироко, досега беше претставен во Рим и Барселона.
Facebook Forum