Линкови за пристапност

Во Охрид стартува мораториум за градба на објекти


Уривањето на дивоградбите ќе почека до 2021 година

Уривањето на бесправно изградените објекти ќе почне до средината на 2021 година, односно по завршувањето со изработка на оценка за влијанието на бесправно изградените објекти врз културното и природното наследство во регионот.

Градските советници во Охрид ја изгласаа одлуката за времен прекин за градби. Воедно, се прекинува донесување и спроведување на урбанистички планови и постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти.

Со тоа почнаа да се спроведуваат препораките кои светската организација за заштита на природното и културно наследство, УНЕСКО, им ги даде на Охрид и државата. Заштитениот статус регионот го има од 1980 година.

Сето ова ќе важи до донесување на Планот зa управување со светското природно и културно наследство на охридскиот регион што треба да го изготви владата, или најдоцна до 1-ви февруари 2020 година.

Иако, времено се прекинати сите нови постапки за издавање одобренија за градење, надградба и доградба, сите постапки со добиено правосилно одобрение за градење можат да продолжат со реализација, изјави градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски.

Тој додаде дека е убеден оти „низ заеднички заложби“ ќе се постигне напредок во исполнување на препораките на УНЕСКО.

Во акцискиот план кој исто така беше донесен од советниците, се опфатени сите чекори и активности кои ќе бидат преземени во наредниот период, a се однесуваат на исполнување на препораките на УНЕСКО.

Со акцискиот план се предвидува да се направи детален попис на сите дивоградби до септември годинава. До средината на 2021 година да се заврши со изработка на оценка за влијанието на бесправно изградените објекти врз културното и природното наследство по што треба да се започне со отстранување на истите.

Мерките добија поддршка и од опозиционата партија ВМРО -ДПМНЕ, од каде најавуваат дека будно ќе ги следат активностите на власта.

„Мораториумот ќе донесе експресно изготвување на урбанистички планови во оние средини каде имаме проблем со дивоградбите и ќе се стави ред во градењето“, изјави Кирил Пецакоски, советник од ВМРО - ДПМНЕ.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG