Линкови за пристапност

Охрид пред загадување, поради масовно градење


Ако продолжи трендот на масовна урбанизација, може да се промени структурата на воздухот, предупредуваат експерти

Иако Охрид денес важи за еден од најмалку загадените градови во Македонија, тоа многу лесно може да се промени, ако продолжи трендот на масовна урбанизација, предупредуваат експертите.

Според нив, најавите за изградба на нови станбени комплекси покрај градскиот кеј, во близина на Охридското Езеро, но, и на неколку други локации, можат да се одразат врз квалитетот на воздухот.

Архитектот Димитар Зарчев вели дека во Охрид прекумерно се гради.

„Јас мислам дека Охрид требаше да има имиџ на град со беспрекорно чист воздух. Никој не се сети дека можеби ќе се загади воздухот во градот, независно што сега е чист. Сепак може да дојде до промени во структурата на воздухот“, вели Зарчев.

Ѓоко Зороски од Македонското еколошко друштво вели дека измените во морфологијата на урбаниот дел на градот, ќе донесат промени и во микроклимата.

„Не сакаме градот да стане топлотен остров, како што се случува со другите градови, бидејќи во Охрид има ветрови кои доминираат од северен правец, и кои прават проветрување на градот. Наша среќа е што го имаме Езерото, од каде продираат струења од јужен правец, но не треба тие струења да ги задушиме“, вели Зороски.

Граѓаните не сакаат на Охрид да му се случи иста судбина како на Скопје и некои други градови во државата.

„Ќе се намали и циркулацијата на воздухот, како што се случи во Скопје“, вели Охриѓанец.

Но, охридскиот градоначалник Никола Бакрачески неодамна негираше дека во Охрид има масовна урбанизација.

„Во последните четири години, во делот на урбанизацијата на централното градско подрачје, како и во старото градско јадро, ништо не се случува. Треба да бидеме прецизни околу екстензивната и неуредната урбанизација на градот од 2000-та до 2013-та година, и се` до денес“, вели Бакрачески.

Според извештајот на светската организација „Еко експертс“, Македонија неодамна се најде на 17-то место во светот, по загаденост на воздухот.

Институтот за јавно здравје вели дека годишно во државата умираат 1.300 лица од загаден воздух.

XS
SM
MD
LG