Охрид е на сигурен пат да стане „град на кружните текови“, откако неодамна и последниот семафор „замина во историјата“. Никнуваат речиси на сите крстосници, наводно поради „полесно движење на возилата“.
Она што треба да биде приоритет, е безбедноста на пешаците, особено најмладите. Охрид не смее да остане без добро регулиран сообраќај, велат стручните лица во градот.
Според Бети Георгиевска од автошколата „Ролекс“, пред да се постават кружните текови, надлежните требало да организираат средби со сите релевантни фактори и преку елаборати јавноста да се информира каде ќе се поставуваат кружните текови. Според неа, времето ќе покаже како учесниците во сообраќајот во иднина ќе се справуваат со толку многу кружни текови.
„Познато е дека една од главните функции на кружниот тек е, при зголемена фреквенција на сообраќајот, да биде олеснето движењето. Но, за жал од она што го гледаме во пракса досега тоа ниво не е достигнато. Станува збор за нестручно изведени кружни текови. Главниот проблем е неможност за вклучување во онолку ленти во колку сме се движеле пред да влеземе во кружниот тек“, објаснува Георгиевска.
Таа додава дека дел од возачите се нестручни или не знаат како да се однесуваат кога ќе се најдат на кружен тек. Нема почитување на сообраќајните правила.
„Пред пет-шест години се дискутираше и се најавуваше дека во Охрид на секоја раскрсница ќе има кружни текови. Гледаме дека сега тоа се реализира. Многу е важно дека добро регулирана крстосница со семафори во овој град, мора да има“, децидна е Георгиевска.
Охриѓани со поделени ставови во врска со новите сообраќајни решенија, но сите, брз исклучок, во прв план ја ставаат безбедноста. Ова се само дел од нивните коментари:
„Летото кое е пред нас ќе биде вистински показател за тоа дали се потребни кружните текови“.
„Мислам дека претераа. Ги има на секој чекор. Со семафорите беше некако побезбедно“.
„Јас имам мало дете кое секој ден мора да помине тука барем два до три пати. Мора да одиме да ги чекаме, има премногу сообраќај“.
Искуствата и праксата во другите земји покажуваат дека движењето во кружните текови знае да биде сериозен проблем, особено кај пешаците и возачите со помало искуство. На пример, во сојузната држава Вашингтон има годишна кампања за едукација на населението, каде пред се` се укажува на големата разлика меѓу добро регулирани кружни текови и вообичаено кружно движење.