Иако го нарекуваат мал маратон, Илинденскиот пливачки маратон со должина од 2,5 километри, за 9-годишниот охриѓанец Василиј Топалоски беше голем. Голем, затоа што за овој настан се подготвувал подолго време. На стартот Василиј беше најмладиот учесник.
„Се подготвувам две-три години. Маратонот ќе го пливам по вторпат. Не очекувам многу, но очекувам во мојата група да сум меѓу првите“, рече Василиј.
На целта на градското пристаниште пристигна за 52 минути и 38 секунди со освоено седмо место во неговата категорија. Изморен, но среќен од завршената трка.
„Беше тешко. Водата беше добра, имаше мали бранови. Да се надеваме дека наредната година ќе постигнам подобри резултати“.
Победник шеста година по ред беше 22-годишниот Андреј Стојаноски. За ова момче со оштетен слух, хендикепот не е проблем, напротив, предизвик за поголеми успеси. Со него во Охрид беше и неговиот татко Никола.
„Со оглед на тоа дека доаѓа без тренинзи имал мала криза и болки во стомакот, но не му било тешко да доплива. Затоа малку послабо исплива од своето најдобро време. Имало бранови. Кога е помирно езерото, подобри се и времињата“.
Инаку Андреј е државен првак на Македонија во повеќе пливачки дисциплини, а со услех настапи и на последната Олимпијада за глувонеми лица во турскиот град Самсун.
За прв пат на маратонот настапија и деца со „Даунов синдром“ и аутизам, членови на здружението „Дајте ни` крилја“, кои се подготвувале повеќе од една година.
„Тешко беше, но испливавме“, изјави Борјан.
„На почеток почнавме да тренираме според Халивик методот за терапевско пливање, а потоа се префрливме по нормалми методи. На почетокот имавме тренинзи трипати неделно, а последните два месеца секој ден пливање, што беше напорно за децата и ја напишавме историјата денес“, изјави тренерот Панче Игнов.
На маратонот учествуваа 62-ца пливачи поделени во две старосни категории до 16 и над 16 години, а меѓународниот карактер беше претставен со учесници од Полска и Бугарија.
Охрид на 20-ти август ќе биде домаќин и на 31-от по ред Охридски пливачки маратон, долг 30 километри, на кој ќе настапат најдобрите маратонци во светот.
Facebook Forum