Распослана по тесните охридски улички, посебна и специфична по многу нешта охридската архитектура и денес не ги остава рамнодушни многубројните домашни и странски гости кои го посетуваат градот. Куќите биле градени во вид на печурки со афтентична бела боја на фасадите и кафеави прозорци. Некогаш биле правени од природен камен и кал, денес со помодерни материјали.
Историчарот Никола Митровиќ вели дека охридската архитектура настанала од потребата на самите луѓе кои живееле во Охрид.
„Бранислав Нушиќ укажува дека куќите кои се составени од таа охридска архитектура и се во стариот дел на градот Охрид, наликуваат на луѓе кои се качуваат еден на друг, со цел да го гледаат езерото. И, сето тоа е вистина. Ако вие денес ја согледате охридската архитектура, ќе видите дека таа е составена од прозорци, вперени кон Охридското езеро“, вели тој.
Иако, во минатото Турција и Бугарија се обиделе да направат копија од архитектурата, таа била неуспешна бидејќи, ваквата архитектура со целата нејзина автентичност може да се сретне само во Охрид, додава Митровиќ.
Но, некои сметаат дека охридската архитектура полека го губи својот сјај и покрај строгите критериуми за градба. Ако во минатото се водело сметка за т.н степенасто градење во кое соседите не им попречувле на соседите со висината на објектите, денес ситуацијата е поинаква.
„Мислам доколку се превземат порадикални чекори, може нешто да се промени. Секојдневно се случуваат нови интервенции кои не треба воопшто да постојат. На пример, поткровја кои не личат на ништо, надградби и доградби несоодветни на реалноста“, вели поранешниот градски архитект, Димитар Зарчев.
„Не можеме ние сега во стариот дел на градот, се` што постои да го направиме како куќата на Робевци. Може архитектот да процени кои елементи во која мерка ќе ги примени на идната градба, но не може се` да биде идентично“, вели архитектот Ристо Андоновски.
Архитектите порачуваат дека е неопходен посериозен пристап особено за градбите во стариот дел на Охрид и строго почитување на Законот за старото градско јадро во Охрид.
Куќата на Робевци е особено карактеристична за охридската архитектура, изградена во средината на 19-тиот век. Денес таа претставува значаен културно-историски локалитет кој секоја година го посетуваат илјадници домашни и странски туристи.
Покрај куќата на Робевци, и куќата на Уранија но, и неколку други фасади и внатрешен дел, беа реновирани изминатите години со помош на државата.
Facebook Forum