Полицајци на велосипеди секојдневно патролираат низ улиците на Охрид, „ловејќи“ сторители на кривични дела. Воспоставуваат и непосредна комуникација со домашните и странски туристи на кои им даваат совети или ги упатуваат до саканата дестинација.
Гласот на Америка помина едно претпладне со дел од велосипедската полициска патрола, која е единствена од ваков вид во Македонија. Лесно препознатливи по специфичната униформа која ја носат на себе, тие претставуваат и туристичка атракција, па туристите многу често се фотографираат со нив. Главно се стационирани во центарот на градот и долж охридските плажи.
„Делуваме превентивно во однос на џебни кражби, кражби од автомобили на паркинзи. Има туристи кои прв пат доаѓаат и нема каде да се обратат да прашаат за основни работи, на пример каде е патот за Свети Наум, за Самоилова Тврдина. Ние ги упатуваме “, вели еден од полицајците.
Туристите зборуваат за позитивните искуства од контактот со полицијата.
„Живеам во Шибеник, Хрватска. Побарав информација од нив каде да купам билет за да одам со брод до Поградец во Албанија“, вели турист од Хрватска.
„Зедовме велосипеди и сега ќе одиме на плажа. Ги прашавме полицајците како да одиме бидејќи не сме одовде. Ни` објаснија дека треба да се движиме покрај кејот, за да стигнеме до крајната дестинација“, рече турист од Франција.
Портпаролот на Охридската полиција, Стефан Димоски, вели дека станува збор за проект кој го реализирале во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Македонија и оти основна цел е поголемо зближување на полицијата со граѓаните.
„Во услови кога во Охрид имаме зголемен број туристи и зголемен број на сообраќај, и кога мото-патролата на полицијата била оневозможена да стигне навреме, во такви ситуации велосипедистите стигнале за 1-2 минути и имало случаи кога сторителот на кражбите бил фатен од нив на лице место“, вели тој.
Овие полицајци минале едномесечна обука од вработен во Министерството за внатрешни работи, кој пак завршил слична обука под менторство на американски полициски службеници.
Полицајците на велосипеди меѓу охриѓани и туристите ќе бидат присутни до крајот на септември.