Како се наближува престојната туристичка сезона, се поизвесно е дека ќе биде тешка како и ланската, поради ситуацијата со Ковид 19. Од туристичкиот сектор, бараат итна дипломатска офанзива преку Министерството за надворешни работи во земјите кои традиционално носат најмногу гости во Северна Македонија, а тоа се Холандија, Белгија, Турција, Полска, Скандинавските држави и други.
„Тука предлагаме да се контактираат партнерите кои традиционално имаат чартер летови за Македонија и на истите да им се дадат позитивни сигнали, да се уверат дека Македонија е безбедна туристичка земја, дека ги почитува мерките за превенција од пандемијата и дека административните бариери за добивање на субвенции ќе бидат отстранети“, вели Асим Меџедовиќ, заменик претседател на здружението за туризам и угостителство при Стопанска комора-СКМ
Предлагаат државата да додели и специјални средства на туроператорите кои би можеле да донесат туристи во вакви услови.
„Да сите туристи кои доаѓаат организирано во Македонија, преку чартери и чартер автобуси, да добијат бесплатни ПЦР тестови. Пунктови да се направат во туристичките места, во хотелите и аеродромите“, додава тој.
„Можеме вакцини да понудиме за туристите кои ќе доаѓаат, еден вид на здравствен туризам или дел да бидат субвенционирани. Доволно е и ПЦР тестот на заминување да е бесплатен за странските туристи. Бидејки 50 евра да заштедат зошто да не, еден или два дена плус ќе останат во Македонија, наместо да платат за ПЦР тестот“, вели Ана Јанчева, менаџерка на хотел.
Владата веќе најави 60 илјади бесплатни ПЦР тестови, за оние туристи кои ќе дојдат.
Професорот на факултетот за туризам во Охрид, Зоран Тунтев, вели дека земјава мора да реагира адекватно за да се наметне на туристичката мапа.
„Со оние производи со кои досега бевме познати но и да планираме, кон сигурно патување, кон чиста дестинација. Стратегијата според мене треба да оди на доминација на културното богатството“, вели Тунтев.
Час поскоро велат треба да почне да се реагира и да се носат одлуки, како би можело на странските партнери да им се даде јасен сигнал дека државата и туристичкиот еснаф, можат да одговорат на предизвиците оваа година.
„Веќе доцниме. Алармот е веќе вклучен. Доколку во претстојниот период од недела две, ова не се случи, под знак прашалник се доведува целата туристичка сезона во нашата земја“, вели Меџедовиќ.
Со цел подигнување на свесност за безбедно патување и туристичките потенцијали кои што земјава ги поседува, Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, отпочна медиумска кампања во шест држави од регионот насловена како „Безбедно како дома“. Идејата велат е да им се укаже на потенцијалните гости дека успешно се имплементираат протоколите за безбедност и превенција од корона вирусот.
Од Агенцијата работат и на промотивен спот, кој визуелно ќе ги прикаже препораките за заштита. Промоцијата ќе биде надополнета и со 360 виртуелни тури, со атракции и локации низ земјава.
Facebook Forum