Фестивалот Охридско лето и годинава ќе почне од Антички театар. Но, овојпат фестивалот ќе се одржува во вонредни услови, поради пандемијата на ковид-19.
Наместо полни трибини како досега, со околу 2.000 гледачи, организаторите најавуваат дека отворањето ќе можат да го следат само 400 посетители.
Публика ќе има на секој втор ред на трибините на Античкиот театар, а гледачите ќе седат на растојание од два метра.
Предвидено e мерење на температура на влез на секој посетител, како и регистрација на сите гости при купување билет.
Една од најубавите сцени кои Охрид ги има е црквата Света Софија. Нејзината внатрешност располага со одлична акустика, која секоја година ги прави посебни настапите на уметниците од целиот свет.
Но, поради новите околности, неколкуте музички настани и театарски претстави, ќе се одржуваат во предворјето на црквата.
Отварањето ќе биде во знак на основоположникот на Охридско лето, оперската дива Ана Липша Тофовиќ, со концерт на арии во изведба на светски познати солисти.
„Оваа година приоритет им дадовме на нашите македонски уметници, оркестри и театарски куќи. Токму тоа е доказ, дека токму тие се столбот на нашата уметничка вредност - фестивалот Охридско лето“, изјави Наташа Поповиќ, директорка на Охридско лето.
Сцената на Долни Сарај, пак, е една од најрепрезентативните со која располага Охрид, пред се` поради нејзината местоположба, бидејќи се издигнува високо над Охридското Езеро.
Станува збор за споменик на културата од 18. век, каде редовно се одржуваат бројни музички настани, театарски претстави, фестивали и други културни настани.
На сите три сцени ќе настапат 300 уметници, од 19 држави. Најголемо внимание се очекува да предизвика настапот на пијанисите Кемал Гекиќ од САД и Наталија Трул од Русија, Фукио саксафон квартетот од Шпанија, и концертот на четири клавири и оркестар од Чешка.
„Програмата трпеше до последниот ден многу големи промени. Пријатно сум изненадена што оваа година, уметниците од странство со голема радост и без никаков страв и размислување, ја прифатија идејата да учествуваат на овој фестивал“, рече Даница Стојанова, селекторка на музичката програма на фестивалот.
Фестивалот годинава ќе трае до 30 август. Почнува со три недели задоцнување, односно на 4 август, наместо на 12 јули како досега.
Facebook Forum