Гарнитура за седење, е само еден од предметите за домаќинство и покуќнина, коишто се извадени од Охридското Езеро. Но, на неговата површина се наоѓаат и електрични апарати, фрижидери и автомобилски гуми. Сметот излезе на површина по неодамнешните високи бранови и силниот ветар што го зафатија охридско-струшкиот регион.
Комуналното претпријатие од Охрид собра повеќе од 300 метри кубни смет. Оттаму најавуваат проект за намалување на отпадот во езерото, со поставување на решетки на реките каде локалното население фрла отпад, кој завршува во езерските води.
„Ефектот од поставување прегради ќе биде од голема корист бидејќи повеќе мислам дека 90 отсто ќе се намали количината на комунален отпад кој завршува во езерото“, вели Стефан Маслов од јавното претпријатие „Охридски комуналец“.
Маслов вели дека биле сведоци и на пронајдени угинати домашни животни.
Но, тоа не е се`. Од видео-снимките кои ги имаат направено членовите од нуркачкиот клуб „Амфора“, може да се примети дека на езерското дно има и градежен шут и друг вид на отпад.
„Извадивме душеци, фрижидери, нафтена печка и други предмети кои се фрлани во езерото од порано. Јас нуркам речиси секој ден и ги знам местата каде што има најмногу отпад. Во овој момент, најмногу ги има на вливот на реките но, и во делот покрај стариот дел на градот“, вели Милутин Секуловски од клубот „Амфора“.
Нуркачите велат дека отпадот во езерото сериозно влијае и врз живиот свет во него. Од нуркачкиот центар „Акватек“ документирале ситна пластика, пластични лажици и чинии.
„Состојбата со Охридското Езеро е алармантна. Огромен проблем во денешно време е микропластиката. Тоа се многу ситни парчиња пластика. Тие влегуваат во биодиверзитетот и во исхраната на живиот свет во езерото. Затоа често кога нуркаме среќаваме мртви риби и мртви гузи“, вели Никола Паскали од нуркачкиот центар „Акватек“ од Охрид.
Според нуркачите, досегашните акции кои биле спроведени, вродиле со плод.
Еколозите велат дека е итно потребно организирана и целосна селекција на отпадот, со што би се редуцирал волуменот на отпад за 60 проценти но, треба да се делува и повеќе кај локалното население, за подигање на јавната свест.
Facebook Forum