Линкови за пристапност

Во Поградец Албанија се одбележа Денот на Охридското Езеро


Овој ден од 2000-та година се слави во трите крајезерски општини, Охрид и Струга во Северна Македонија и Поградец во Албанија, кои го делат најстарото езеро во Европа

Денешниот 21-ви јуни се одбележува како Ден на Охридското Езеро, со цел да се подигне свеста за неговото значење и да се обезбеди инволвираност на сите граѓани од двете страни на границата во неговата заштита. Овој ден од 2000-та година се слави во трите крајезерски општини, Охрид и Струга во Северна Македонија и Поградец во Албанија, кои го делат најстарото езеро во Европа. Оваа година домаќин беше Поградец, каде денот се одбележа со богата културно уметничка програма, изложба на ракотворби како и акции за подигнување на свеста помеѓу граѓаните за заштита на езерото. Имаше и средба на тројцата градоначалници, Рамиз Мерко, Константин Ѓеорѓиески и Илир Џаколи. Инаку, од 1979-та македонскиот дел од Охридското Езеро е под заштита на УНЕСКО, а од јули 2019-та година под заштита е и албанскиот дел. Денес регионот околу езерото, се соочува да се најде на листата на загрозени подрачја под заштита на УНЕСКО.

„Опстои Денот на Охридско Езеро. Од февруари 2000-та кога го прогласивме до денес. Опстоивме ли ние на заложбите и во грижата? Денес после две минати декади јасно е дека веќе е завршено времето на пароли, на епитети, на слогани. Езерото сега се чува само со спротиставување, со легални акти, со планови за акција. Денес е исто така јасно дека езерото повеќе е објект за битка помеѓу дневно политички минливи ликови, отколку битка за научни докази и стручни планови. Како поинаку да се објасни игнорантскиот однос на општеството кон науката и стручноста во овој домен“, вели Дејан Паноски, еден од иницијаторите за прогласување на 21-ви јуни Ден на Охридското Езеро, како член на тогашниот „Заеднички борд помеѓу Македонија и Албанија за заштита на езерото“.

По повод Денот на Охридското Езеро, втора година по ред се одржа и искачување на највисокиот врв на планината Галичица кај Охрид, Магаро, висок 2255 метри надморска височина. Учестуваа повеќе од 500 планинари, а најмладиот учесник беше три годишно момче. Идејата е овој настан да прерасне во традиција како планинско, велосипедски и езерски фестивал.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG