Линкови за пристапност

11 години од потпишувањето на Рамковниот договор


Амбасадата на САД го истакна прогресот што го овозможи спогодбата; СДСМ побара тој да не се политизира, а ВМРО-ДПМНЕ наведува - тој е процес.

На денешен ден, пред 11 години, во Скопје беше потпишан Рамковниот договор - политички документ што ја извлече Македонија од работ на граѓанска војна - вооружениот конфликт што избувна на почетокот на 2001-ва меѓу безбедносните сили и етнички-албанските вооружени групи.

Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседетел Борис Трајковски и лидерите на четирите најголеми политички партии, Љубчо Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ, Бранко Црвенковски од СДСМ, Арбен Џафери од ДПА и Имер Имери од ПДП. Потпис на документот ставија и Фрасоа Леотар и Хавиер Солана во името на ЕУ и Џејмс Пердју како застапник на САД. Претставниците на ЕУ и САД претходно учествуваа во преговорите што се водеа во процесот на подготовката на договорот и го олеснија изнаоѓањето на компромисно решение.

По повод годишнината од потпишувањето на овој значаен документ, вицепремиерот за имплементација на Рамковиот договор Муса Џафери организираше коктел. Според медиумите, коктелот минал без премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и првиот човек на СДСМ Бранко Црвенковски. Наводно, обајцата биле надвор од Скопје, на годишен одмор.

Амбасадата на САД во Скопје по повод годишнината издаде соопштение во кое стои: „Пред единаесет години, Македонија се соочи со можноста од избувнување на една крвава граѓанска војна. Благодарение на храброста и визијата на политичките лидери на оваа земја, како и на внимателното преговарање на искусните американски и европски дипломати, Охридскиот рамковен договор беше потпишан на денешен ден, во 2001 година, и на тој начин беше избегната војна. Тој историски договор овозможи оваа земја да оствари прогрес во насока на остварување на стабилно, мултиетничко, мултикултурно и мулти-религиозно општество и во насока на зацртаната цел за полноправна интеграција во евро-атлантската заедница“.

Во истото соопштение, Амбасадата наведува и дека „единаесет години подоцна, Македонија се соочува со бројни предизвици и уште еднаш, визијата и храброста на политичките лидери се важни за совладувањето на тие предизвици. Ги поздравуваме оние граѓани и лидери, кои ги ставиле настрана сопствените разлики заради потрагата по една отворена, безбедна и динамична демократија, што нуди гаранции за мир и просперитет за сите свои граѓани – без разлика на нивната етничка припадност, пол, религија или политички ставови“.

Амбасадата потсетува дека во таа потрага, Македонија секогаш ќе ги има САД на своја страна и изразува очекување земјата да го земе своето „заслужено место како полноправен и добредојден член на евро-атлантската заедница и да продолжи да се развива како разновидна, безбедна и просперитетна држава“.

По повод годишнината, СДСМ преку соопштение побара имплементацијата на обврските од договорот „да не се политизира и партизира“.

„Рамковниот договор за СДСМ е една од клучните бази во општеството и покрај неговите успони и падови во изминативе 11 години. Овој договор ја гарантира стабилноста за државата и ние мислиме дека рамката што ја дава Охридскиот рамковен договор е доволно широка“, рече потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев.

„Таа рамка што ја даде Рамковниот договор мора доследно да се имплементира, да не се партизира и политизира како што имаме тенденција со оваа власт на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, пред се` мислам на неквалитетни кадри при вработувањето и така натаму. Но, сепак сметаме дека 11 години после потпишувањето на рамковниот договор, Македонија може да каже дека беше значително стабилизирана со овој важен договор“, изјави Георгиев.

Телевизија Канал 5, пак, објави реакција на ВМРО-ДПМНЕ, дека „Рамковниот договор е процес - гаранција за добрите меѓуетнички и меѓуконфесионални односи во Македонија. Има свои предизвици, но со посветеност врз основа на него ќе успева да се надминуваат проблемите. Не е добро меѓуетничките односи да бидат користени како политичка понуда, на структури кои немаат никаква друга идеја, ниту пак да бидат злоупотребувани за дневно - политички цели“.
XS
SM
MD
LG