Фестивалот Охридско лето, не е само 40 дена.Тоа е цела година работа, за да се дојде и да се реализира овој голем проект. Ова го вели првиот човек на фестивалот Наташа Поповиќ, сумирајки ги впечатоците од годинешново 59-то издание, кое донесе повеќе од 500 уметници и педесет фестивалски настани во драмскиот и музичкиот дел.
Како новини кои годинава беа воведени, беше подиумот на млади што се одржа пред официјалниот почеток на фестивалот, но, и рециталот како нова уметност во програмата. Фестивалот воведе и туристички водич со што бројните уметници имаа прилика, да се запознаат со убавините на градот домаќин.
„Она што го испланиравме оваа година со селекторите го остваривме. Дојдоа оние уметници со кои исконтактиравме, што сакавме и што сметавме дека ќе се присутни на ова фестивалско издание“, изјави Наташа Поповиќ, директорка на Охридско лето.
Наредната година, Охридско лето го очекува голем јубилеј, 60 години од своето постоење. Од фестивалот велат дека веќе работат на договарање на уметниците кои би настапиле. Но, признаваат дека на Охрид му фалат и нови сцени.
„Ќе имаме спектакуларно отварање и ќе имаме некои нови содржини кои досега не биле на фестивалот. Ќе донесеме исто големи светски имиња. Ни фали таа концертна сала, затоа што имаме состави кои не можеме да ги поканиме поради просторот каде нема да настапат. На пример, тие брас состави не можеме да ги поканиме во црквата `Света Софија`, бидејќи е забрането да се свири на тие инструменти“, вели музичкиот селектор Васо Ристов.
Режисерот Александар Поповски, Охридско лето го споредува со човек кој има 60 години и кој секоја година стапува во контакт со врвни светски уметници.
„Мислам во таа смисла дека до некаде сме стигнале. Сега треба да се обмисли како понатаму. Сега ние треба да го пренесеме во новиот век нашиот фестивал. Ако е наредната година, 60 години посебен јубилеј, би било фантастично да се направи продукција за Охридско лето, со кој ќе се затвори Охридско лето.Тоа ќе значи продукција на Охридско лето со сите македонски театри“, рече драмскиот селектор Aлександар Поповски.
Поповски се надева дека охридската публика за јубилејот ќе може да ги види театарот на Раде Шербеџија, но, и театарите од Берлин и Будимпешта, со кои веќе било разговрано.
Најавите се дека следната година се` што е македонско на сцените надвор од државата ќе биде покането и донесено на Охридско лето.
Facebook Forum