Линкови за пристапност

Во Македонија расте Интернет криминалот


Во Македонија расте Интернет криминалот
Во Македонија расте Интернет криминалот

Изминативе години во Република Македонија е забележано постојано зголемување на кривичните дела од областа на интернет криминалот. Само минатата година се пријавени околу 51 кривично дело.

„Во 2010 година од извршувањето на овие кривични дела се нанесени штети на државата во висина од околу 22 милиони денари. Компјутерскиот криминал е исклучително сериозен вид на криминал со тешки последици. Овој криминал најчесто се извршува на пошироко подрачје. Од околу 100 лица кои се опфатени со кривично гонење во Македонија во 2010 година, една третина се лица кои не се државјани на Македонија“, изјави министерот за правда на Република Македонија, Михајло Маневски на отворањето на дводневната регионална Конференција на тема „Компјутерскиот криминал и анализа на програмите за обука на судиите и јавните обвинители“.

Тој потсети на најновото кривично дело, дистрибуција на детска порнографија преку комјутерски систем, дело вградено во меѓународната конвенција за заштита на децата од сексуална и друг вид експлоатација.

Најчесто се работи за неовластено навлегување во компјутерски ситем, компјутерска измама, правење и употреба на лажна платежна картичка, компјутерски фалсификат. Со растечката моќ на сајбер криминалот се соочуваат и државите од регионот. Потребна е поголема обука на судиите и обвинителите но и примена на законските регулативи, беше речено на средбата во Охрид.

Маневски информираше дека во Македонија континуирано од 2008 година во рамките на Академијата за обуки на судии и обвинители се одржуваат едукативни семинари, средби и работилници. Досега се обучени 167 судии и јавни обвинители, судски советници, лица кои непосредно се вклучени во превенцијата, откривањето и спречувањето на компјутерскиот криминал, кој, според Манески е дел од организираниот криминал.

Кристина Шуман, началник на единицата за справување на интернет криминалот при Советот на Европа рече дека обвинителите и судиите мора да имаат основно познавање за овој вид криминал, кое треба постојано да го унапредуваа:

„Судиите мора да се подготвени за борба. Земјите од регионот сега се соочуваат со недостиг на материјали за обука но, и недостиг на обучувачи. Потребна е заедничка активност на сите земји од регионот а на Македонија и` треба меѓународно искуство и меѓународни обучувачи“, кажа Шуман.

На конференцијата учествуваат претставници од Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Турција и домаќинот Македонија, како и претставници на Директоратот за соработка при Советот на Европа и голем број меѓународни експерти од оваа област.

XS
SM
MD
LG