Баросо и Фуле ќе имаат средби со претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, а најверојатно и со Али Ахмети и Бранко Црвенковски.
Оваа двојна посета се одвива во клучен период кога Македонија ги подготвува предвремените избори.
И Баросо и Фуле ќе бараат од сите политичари да ги смират страстите и да овозможат да има фер и регуларни избори. Баросо на разговорите со државниот врв најмногу време ќе одвои на проблемот со името. Претседателот на Европската комисија ќе сака да чуе и кои се последните информации од директните средби на Груевски со Папандреу и дали има прогрес во преговорите.
Посетата на Македонија е дел од нивната заедничка турнеја на Балканот. Претходно тие ги посетија Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Како што е предвидено, утре во хотелот „Инекс Горица“ со почеток во 15 часот и 30 минути, претседателот на Европската Комисија, Жозе Мануел Баросо ќе одржи предавање на тема: „На патот кон ЕУ: партнери во реформите за нашата заедничка Европска иднина“. Предавањето го организираат Делегацијата на Европската унија и кабинетот на македонскиот претседател Ѓорге Иванов.